По убедливата победа минатата сабота во првиот натпревар од оваа полуфинална пресметка, кошаркарите на Пелистер од Битола се подготвени за вториот натпревар во серијата, а по првата победа, битолчани се надеваат и на втор брејк, со што ќе се олесни патот кон финалето.
-Свесни сме дека и покрај направениот брејк, работата е далеку од завршена но пристапот на нашите кошаркари и моменталната форма ни дава простор за оптимизам и надеж дека Пелистер може да го повтори успехот и на овој натпревар против скопскиот ривал, порачуваат од Пелистер.
За потсетување, првиот натпревар од серијата заврши со резултат 63:86, и високата победа главно се должи на фуриозната трета четвртина што “пелистерци“ да добија со 26:12.
-Цврстата игра во одбрана ќе биде главното оружје и во овој натпревар, направивме одлична работа лимитирајќи го противникот на само 63 поени, исто така тоа ќе треба и да се повтори на овој натпревар, вели тренерот на Пелистер, Дарко Радуловиќ.
Во анализата на претходниот натпревар, “пелистерци“ ќе заклучат:
-Саботата ја одбележа и една одлична шутерска вечер што ја имаше нашиот тим, речиси потполно исто шутиравме процентуално и за 2 и за 3, двете над 50% што е извонредно и тешко да се повтори и на овој натпревар па затоа ќе мора да се фокусираме на она што со сигурност ни носи резултат, а тоа е играта во одбраната. Впрочем еден од најдобрите нивни кошаркари, Американецот DeCosey целосно беше затворен и за 20 минути не постигна ниту еден кош, a другиот плејмејќер Trice, што обично запишува по 16 поени по натпревар, на овој постигна само 7. Во нашиот состав имавме рамномерна распределба на поените. Центрите Маслинко и Планиниќ меѓу себе поделија 31 поен, помогнати од Мијовиќ кој запиша 14 со 4 од 8 за 3 поени и 3 украдени топки. Од клупата забележителна партија имаше Knight со 13 поени, 3 скокови и асистенции за 20 минути поминати на паркетот. Лука Стојановски имаше перфектни 4 од 4 позади линијата 6.25.
Од КК Пелистер веруваат дека со слична партија можат да дојдат до уште една победа што ќе ги доближи на чекор до финале, и тоа пред домашна публика во спортската сала во Битола.