Press "Enter" to skip to content

Александра Танатарец, раководител во сектор за наплата во СН Осигурителен Брокер: финансиската писменост e клучна за донесување здрави финансиски одлуки

-Финансиската едукација треба да започне што е можно порано, па и да се предава во училиштата, се со цел децата уште од рана возраст одговорно да се однесуваат во сите животни фази. Посебно е важна улогата на родителите во пренесувањето на добри навики и финансиски вредности, вели Александра Танатарец, раководител во сектор за наплата во СН Осигурителен Брокер АД Битола.

Финансиската едукација e од исклучително значење за донесување квалитетни финансиски одлуки. Тоа е процес преку кој индивидуите го подобруваат своето знаење во врска со финансиските производи и концепти, вели Александра Танатерец, раководител на секторот за наплата во СН Oсигурителен Брокер АД Битола.

„Со цел поуспешно справување со предизвиците кои им претстојат на младите, се наметнува финансиската писменост како свесност потребна за донесување здрави финансиски одлуки. Финансиската едукација треба да започне што е можно порано и сметам дека потребно е и да се предава во училиштата, се со цел децата уште од рана возраст одговорно да се однесуваат во сите животни фази. Тука би ја истакнала и улогата на родителите во пренесувањето на навики и финансиски вредности. Децата кои разговараат со своите родители за пари и за заштеди, имаат повисок степен на финансиска писменост од останатите. Врз основа на ова, потребно е да се развијат апликации, веб страни, симулативни игри и други алатки кои ќе придонесат за зголемување на процентот на финансиска писменост.“-вели Танатарец.

Финансиската едукација на населението како тренд во денешно време, не само што води кон поголема финансиска благосостојба, туку исклучително е важна и за креирање на општество кое би се вклучило и во политиката на финансискиот систем.

„Финансиската писменост е критична за економското развивање и благосостојба на секоја земја, вклучувајќи ја и Македонија. За да се подобри степенот на финансиска писменост и финансиската инклузија кај населението, може да се применат повеќе различни стратегии. Би го наведила примерот за воведување на програми за финансиска писменост во образовниот систем во основните и средните училишта, како и во високото образование. Потоа, организирање на кампањи и работилници кои ќе се фокусираат на важноста на штедењето, управувањето со долгови, инвестирањето и заштитата од финансиски ризици.“- вели таа, додавајќи дека треба да се воведат регулативни мерки кои ќе ги заштитат потрошувачите и ќе ги стимулираат финансиските институции да понудат пристапни финансиски услуги. Релевантно е да не го забораваме напредокот на технологијата, затоа сметам дека е важно да се користи за промоција на финансиската инклузија, како што се мобилни платформи за штедење и плаќање и онлајн образовни ресурси за финансиска писменост.“, посочува во разговорот.

Смета дека задржувањето на интересот на младите кон осигурителната индустрија, може да биде вистински предизвик. „Нивната ангажираност би можела да се поттикне на неколку начини. Би алудирала на организирање кампањи, образовни работилници во училиштата и универзитетите, како и преку онлајн ресурси и социјални медиуми. Потоа, развивање на иновативни осигурителни производи, интегрирање на нови технологии и дигитални платформи за подобрување на искуството на клиентите во осигурителната индустрија. Младите претпочитаат да користат онлајн и мобилни апликации за да управуваат со своите финансии и осигурителни потреби. Токму затоа, сметам дека е потребно понудување на флексибилни и персонализирани опции за осигурување кои одговараат на различните потреби на младите. Ова може да вклучува опции за избор на покритие, плаќање на премии и услови за обезбедување. Исто така, потребно е вклучување во заедницата и поддршка на младите лидери и претприемачи. Ова може да се прави преку соработка со студентски организации, спонзорирање на стипендии и програми за менторство, како и поддршка на иновативни стартапи. Иновативно би било креирање на атрактивни и интерактивни содржини на социјалните медиуми кои ги привлекуваат младите преку кратки видеа, блогови, вебинари, и вежби за ангажман кои се фокусираат на релевантни теми за осигурителната индустрија. Со имплементација на овие стратегии, сметам дека осигурителните компании можат да го задржат интересот на младите и да ги привлечат како клиенти и како потенцијални вработени во индустријата.“ – сугерира Танатарец

Трендовите се менуваат и технолошкиот развој влијае и во контекст на осигурувањето и новите видови на ризици кон кои осигурителните компании и брокерските друштва треба да се прилагодат. “Во последните години, осигурителната индустрија во различните земји се прилагодува на новите технолошки трендови, како и на новите видови на ризици.

Во Македонија, осигурителните компании и брокерските друштва исто така се соочуваат со слични предизвици и трендови, и во одредена мера се следат меѓународните светски практики. Имено, токму тие водечки светски практики, во осигурителната индустрија во Македонија може да се применат на повеќе начини и тоа преку дигитализација и примена на нови технологии за подобрување на клиентското искуство. Преку воведување нови продукти во своето портфолио и услуги кои одговараат на промените во потребите и предизвиците на клиентите. Следењето на меѓународните практики во областа на клиентското искуство е особено важен аспект за осигурителните компании во Македонија. Тие се обидуваат да ги подобрат комуникациите со клиентите, да го зголемат нивниот ангажман и да им обезбедат лесен и ефикасен пристап до услугите. Исто така круцијално е прашањето околу имплементација на самиот фокус кон континуирано усовршување на методите и техниките за управување со ризик. Вложувањето во образование и развој на своите кадри, би ги задржало високите стандарди на професионалност, а и следењето на најдобрите светски практики, ќе придонесе за зголемување на свесноста за потребата од осигурувањето.“-вели таа.

Осигурувањето е клучно за заштита на финансиските и личните интереси на луѓето. Осигурувањето е инвестиција, а не е трошок, вели Танатарец.

„Но, за да се разбере ова суштинско прашање, потребна е таа финансиска едукација. Од тука, важно е да се разбере дека осигурителните полиси имаат свои лимитирања и исклучоци, и дека потрошувачите треба да бидат добро информирани за условите и услугите кои ги нудат различните видови на осигурителни компании. Би нагласила дека консултацијата со брокер може да помогне да се разјаснат сите недоумици и да се избере најдобрата полиса за индивидуалните потреби. Интегрираната и координирана стратегија што вклучува вовлекување на различни заинтересирани страни, вклучувајќи владини институции, не-владини организации, приватен сектор и академски институции, е клучна за успешно подобрување на финансиската писменост и инклузија во Македонија.“ – вели таа.