Press "Enter" to skip to content

“Поезија во фармерки“: креативна работилница за средношколци за пишување поезија

Во рамките на проектот „Поезија во фармерки“, кој е составен дел од седмото издание на Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски-Антево перо“, во библиотеката на СУГС Гимназија „Раде Јовчевски- Корчагин“, се одржа и втората од вкупно предвидените четири креативни работилници по пишување на поезија, но и на други литературни творби. На работилницата зедоа учество 30 талентирани ученици од шест скопски средни училишта.

Како и на првата работилница која беше реализирана на 25 април годинава, модератори, предавачи и обучувачи беа професорите .по Македонски јазик и литература од Гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, Татјана Алексиќ и м-р Митра Мими Спасова. Свое предавање имаше м-р Митра Мими Спасова, која посебно се осврна за Интертекстуалните варијации во поезијата на Анте Поповски, преку што се алудираше на отварање на креативно аналитичките хоризонти на младите учесници, ученици, во однос на поетското творештво на Анте Поповски.-Во програмата за 4 година по предметот Македонски јазик и литература, овој наш поет се работи со патриотската лирика и тоа најчесто со „Вардар“ и „Македонија“, за жал на само еден наставен час. Колку малку простор за да се објасни сѐ што има создадено овој наш великан. Користејќи ја можноста да се допре посуштински до поезијата на Анте Поповски и тоа благодарение на овој значаен проект именуван како „Поезија во фармерки“, нашата првична задача беше да се посочат сите цитатни симболи, синтагми, версови кои имаат значење на архитекстови кои создаваат една нова метатекстуална поезија. Преку поезијата на Анте се отвараат вратите на љубовната, интимистичката, дескриптивната (описна), рефлексивната и секако патриотско-татковинската тематика. Поезијата на овој поет нуди најразлични креативни решенија, но учениците треба прво да се запознаат со неговиот поетски универзум, па потоа да пристапат кон креативни решенија кои ќе бидат инспирирани од неговиот верс. Токму тоа беше поставено како предизвик пред нив, да остварат различни решенија кои ќе бидат инспирирани од интертекстуалното богатство присутно во поезијата на Анте Поповски и што ќе го претстават во мултимедијална рамка, како што се: поезија, сликарски решенија, визуелни решенија, документарен филм и слично и истото да го интерпретираат на следната работилница, рече покрај другото професорката Спасова!

За пофалба е секако посебната ангажираност и на ученикот Методија Тасевски, кој за потребите на работилницата подготви и уреди графички и технички Избор од поетски творби на Анте Поповски, кои претходно грижливо ги издвои неговиот син, Жорж Поповски. Изборот чие што печатење финансиски го покри Гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ беше поделен на секој учесник на работилницата, а беа направени и фотографии од поетот Анте Поповски, кои исто така им беа ставени на увид на учесниците на работилницата.

Како што е познато, целта на проектот „Поезија во фармерки“ е да ги инспирира, мотивира и вклучи средношколците во процесот на приближување до македонската поезија, да ги поттикне да мислат, читаат, пишуваат и живеат со јазикот на својата родина и да негуваат култ кон книгите и вистинските духовни вредности, што е основна цел и начело на целокупното дело на Анте Поповски.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »