По два дена во Битола екипата на Еурофарм Пелистер ќе игра за титулата во домашното првенство во последното коло, против екипата на Алкалоид, а само по победа ќе ја “завери“ титулата откако во пролетниот дел нема ниту еден пораз и има бодовна предност пред екипата на Вардар.
Против младата екипа на Кирил Лазаров, “пелистерци“ ќе имаат целосна поддршка од публиката, а од Еурофарм Пелистер информираат дека нема повеќе карти за последниот натпревар од сезоната на битолчани и Алкалоид го чека полна сала.
Ракометната Суперлигата на Македонија овој викенд ќе го добие новиот шампион за сезоната 2023/24, но за жал на публиката нема да биде доделен пехарот и медалите на шампионската екипа. РФМ соопшти дека доделувањето на пехарот и медалите ќе се случи на место и во врме кое ќе го одреди новиот шампион.
Решавачките два натпревари за титулата во мак-ракометот ќе се одиграат в сабота во ист термин од 18 часот, а дуелот во Битола ќе го суди битолска судска двојка, Димитар Митревски и Благојче Тодоровски.