Press "Enter" to skip to content

Универзитетот “Св. Климент Охридски“ Битола ја продлабочува соработката со кинеските универзитети

По покана и во организација на Кинеската образовна асоцијација за меѓународна соработка (CEAIE), ректорот на Универзитетот “Св. Климент Охридски“ Битола проф. д-р Игор Неделковски учествуваше во Кинеската едукативна програма, заедно со 17 други високи претставници (ректори, проректори или нивни репрезенти) од девет земји на Централна и Источна Европа (Бугарија, Грција, Романија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Полска).Кинеската едукативна програма нуди можност, европски носители на важни позиции во високото образование да се запознаат со кинескиот систем за високо образование и преку лични искуства да истражуваат потенцијални соработки.Учесниците од Европа имаа прилика преку посетата на кинески образовни, административни организации, универзитети и претпријатија да отворат дијалог со нивните кинески колеги и благодарение на непосредниот контакт и меѓусебно учење да овозможат зајакнување на постојната соработка и создавање нови мрежи за обете страни.Европските гости имаа прилика да посетат и неколку врвни институции меѓу кои: Министерството за образование на НР Кина, Центарот за изучување странски јазици и соработка, Пекиншкиот Универзитет за странски студии, Кинескиот совет за стипендии, Пекиншкиот Институт за технологии, Криптонит паметната фабрика во Нингбо, Универзитетот Нотингем – Нингбо и Универзитетот Нингбо.Во рамки на Центарот за изучување странски јазици и соработка кој е дел од Универзитетот за странски студии во Пекинг, македонскиот јазик се изучува како факултативен предмет. Постои и Оддел за македонски јазик кој го води професорката Chen Qiao (помеѓу странците позната со нејзиното преведено име на македонски – Милена) и лекторката Рената Пенчова.Минатата година македонскиот јазик како факултативен предмет го избрале осум студенти. Со нив ректорот Неделковски имаше пријатна средба што се оствари на македонски јазик.Во рамки на програмата, во градот Нингбо, се одржа 9-тата Конференција на CCHEIC – Конзорциумот помеѓу високообразовните институции од Кина и Земјите од Централна и Источна Европа. Конзорциумот е основан во септември 2014 и има 349 институции – членки, а од Република Северна Македонија од 2017 членови се УКЛО и УКИМ. На Конференцијата на CCHEIC во воведниот панел се обрати и ректорот Неделковски кој се осврна кон соработката помеѓу универзитетите, поврзана со зелената агенда и дигиталната трансформација, области во кои и Европа и Кина прават големи напори за подобрување на состојбата.На отворањето на Кинеската едукативна програма во Пекинг и на 9-тата Конференција на CCHEIC во Нингбо присуствуваше и се обрати македонскиот амбасадор во Кина д-р Сашко Насев.Ректорот на УКЛО, Игор Неделковски договори начела за соработка со неколку кинески универзитети. При посетата на Пекиншкиот Институт за технологии (еден од водечките универзитети во светот) најавено е дека наскоро пет студенти од УКЛО ќе добијат стипендии да учествуваат на летна школа организирана од овој универзитет. Исто така, преку Кинескиот совет за стипендии и преку фондови на кинеските универзитети постојат можности за стипендирање на студенти и наставници, за што наскоро ќе следат посебни информации за студентите и вработените на УКЛО.При посетата на Министерството за образование на НР Кина, ректорот на УКЛО, Игор Неделковски ја истакна потребата од повторно активирање на програмата за билатерални научни проекти помеѓу Кина и РС Македонија, во рамки на која во периодот 2015-2019, УКЛО преку својот Факултет за информатички и комуникациски технологии – Битола реализираше два научни проекти.Истовремено, промовирана е и постојната соработка помеѓу Факултетот за туризам и угостителство – Охрид, единица на УКЛО и CIS Истражувачкиот центар на Универзитетот за технологии од Далиан.

More from ВестиMore posts in Вести »