Press "Enter" to skip to content

Инженерски прстен за две дипломки од УКЛО

Претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, на 15 најдобрo дипломирани студенти на инженерските факултети, им го додели високото признание Инженерски прстен. Меѓу добитниците на ова високо признание, што се доделува по 21-ви пат, се две студентки од УКЛО Елена Стефаноска од Техничкиот факултет – Битола и Теодора Силјаноска од Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола. 

На церемонијата на доделувањето на Инженерскиот прстен, што се одржа на платото пред црквата „Свети Климент и Пантелејмон“ – Плаошник, во Охрид, присуствуваа ректорот проф. д-р Игор Неделковски, деканот на ФИКТ проф. д-р Благој Ристевски и продеканите на Техничкиот факултет проф.д-р Методија Атанасовски и проф. д-р Игор Андреевски. 

Во своето обраќање пред присутните, претседателката Сиљановска Давкова, упатувајќи честитки до добитниците на ова престижно признание, ја нагласи исклучителната важност на инженерството во градењето на нашата држава и нејзиното приспособување на глобалните дигитални трендови. Претседателката на македонската Инженерска институција, Христина Спасевска истакна дека со добиеното признание наградените студенти влегуваат во Клубот од 229 најдобри инженери кои денес се успешни универзитетски професори, научници, професионалци и менаџери во компании, како во земјата така и во странство.

Доделувањето Инженерски прстен освен признание за најдобро дипломираните студенти од инженерските факултети претставува и своевиден поттик за изучување на инженерството и придонес за формирање на квалитетен инженерски подмладок, компатибилен со развиените земји. Инженерскиот прстен претставува круна од дабови лисја на чиј врв се наоѓа знакот на инженерската институција. Дабовите лисја ги претставуваат честа и достоинството, а ѕвездата го симболизира знаењето како синергија од
сите инженерски дисциплини.

More from БитолаMore posts in Битола »
More from ВестиMore posts in Вести »