Меѓународниот Славјански Универзитет „Свети Николе“ полни 20 години (2004 -2024) успешно работи и дава свој придонес во македонскиот образовен систем. Едно од начелата на универзитетот, како приватна високообразовна установа, е континуираниот стремеж да обезбеди подобри услови за своите студенти, како во поглед на просторно-технички услови, така и во поглед на квалитетен наставен и стручен кадар.
Имено, официјално од Управата на Универзитетот дознаваме дека одделението во Битола на МСУ, кое од 2008 година беше сместено во една од зградите во комплексот Фелиција, со корисен простор од 1.900 м2 се сели во значително поголем простор од 4.000м2 на нова локација во поранешната зграда на текстилната фабрика “Иднина“ (“Мокел“) на северниот влез во градот.
Оваа промена е во насока на овозможување подобри услови за студентите, поголема комоција во поглед на предавалните, кабинетите и амфитеатрите, поголем број на кабинети за професорскиот и асистенскиот кадар, како и подобри услови за целокупниот административен и технички персонал.
Студентите ќе добијат неколку свои модерни катчиња кои ќе бидат адекватни за нивните активности во склоп на студентската организација на универзитетот. Тоа ќе значи и збогатување на нивниот културно-социјален и забавен живот.
Новиот простор ќе овозможи и простапност и мобилност за лицата со телесна попреченост до секоја од предавалните. Од управата, едновремено наведуваат дека адаптирањето и модернизацијата на новиот простор е веќе започнато, во текот на летните месеци очекуваат дека неколку фази од градежните активности ќе бидат целосно завршени и дека на есен ќе бидат соодветно подготвени за новата академска година.






