Жанета Ристевка
Никола Симоновски – Јошката од Битола кој живее и работи во Перт, Австралија, со пријателите естрадни уметници: Наум Петрески, Благоја Груевски, Дарко Филиповиќ, Даниела Темелковска, Гордана Костовска, Чуле – Дрим Тим, Димитар Митревски на хармоника, група Инструментал, “Солза и смеа“ настапија синоќа пред повеќе од 2000 публика.На овој несекојдневен начин, Јошката со пријателите, естрадни уметници го одбележа својот јубилеј 30 години на естрадата, а публиката која присуствуваше на Ракометното игралиште уживаше во 3 часа музика по повод одбележување на неговите 30 години на естрадата.Јошката возбудено по повод концертот ни изјави:-Ги поздравувавм сите мои фанови, пријтели, роднини, колеги кои се вечерва со нас. Исто така им благодарам на мојот град Битола, моите другари од Јени Мале и навивачка група “Чкембари“ на која и јас бев член. Вечерва со мене на мојот јубилеј 30 години до мене се моите колеги голем дел од македонската естрада. Мило ми е што од Србија дојде и мојот голем пријател Дарко Филоповиќ.-Живеам во Перт Австралија и се занимавам со музика. Имам доста свирки, концерти, фамилијарни веселби… и соработувам со многу естрадни уметници од Македонија, но и од Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска…Тие многу ја почитуваат македонската музика. Настапувам насекаде низ Австарлија Перт, Мелбурн, Сиднеј, Бризбејн каде ќе настапам за Нова година, вели Јошката за работата во Австралија, а за своите почетоци и концертот на Ракометно додава:
-Моите почетоци на естрадата беа 1993/4 година, оваа година 30 години музичка кариера сакав да одбележам токму на ваков начин со моите колеги естрадни уметници со кои имам и настапувано, со кои сме споделувале многу низ нашата работа. Вечерва сум многу среќен што има публика во толкав број, над 2000. Ќе кажам само дека ретко кој од пејачите во Битола се решава да организира еден ваков концерт во Битола.Концертот е хуманитарен и средствата од концертот се наменети за пожарникарите во Битола.
Српскиот пејач Дарко Филиповиќ додаде:
-Ми беше чест да учествувам на овој концерт, кога ме покани Јошката. Заради тоа што со Јошката сме големи пријатели, како браќа да кажам, но и секогаш сум добро примен од македонската публика. Оваа недела имав пет настапи во Македонија. Со Јошката се запознавме пред неколку години во Перт. Тој дојде после своја свирка, за да ме слуша. Цела вечер уживаше во музиката и ми даваше бакшиши. Кажав дека е доволно, за да на крај испееме заедно неколку песни. Од тогаш станавме како браќа, се дружиме и приватно, покрај музиката. Публиката во Битола е феноменална, сум бил десетина пати во Битола. Гостин бев на концертот на Харис Џиновиќ токму тука на Ракометно, а за неговата љубов кон Битола вели:-Посебно сум врзан овој градот Битола. Мојот татко студираше на машински факултет во Битола, во истиот период кога Шабан Шаулиоќ го служел воениот рок. Така се дружеле и заедно играле фудбал. Мојот татко ми раскажуваше за убавите спомени од тука. Пред 7,8 години дојдов со моите родители за да го посетиме и гробот на Тоше Проески во Крушево. Кога дојдовме во Битола татко ми се сети на убавите денови поминати тука. Ете тоа е една убава приказна, а вечерва е уште поемотивна за да го прославиме јубилејот на мојот голем пријател Јошката. Да му се множат уште многу успешни години.
Македонската пејачка Даниела Темелковска ни изјави:-Чест и задоволство ми е што настапувам вечерва во еден од најубавите и најопеани градови во Македонија градот Битола. Повод многу убав јубилеј на нашиот колега Јошка. Оваа публика која вечерва е во многу голем број е таа која цени добра музика и многу топло ме поздрави. Нема поубаво чувство за нас пејачите од тоа, ова е најтоплата публика кои знаат да не израдуваат со силни аплаузи. Од срце ве сакам и ве почитувам Вас сите тука, а на Јошката уште многу вакви емотивни концерти.
Фото: Сашо Ристевски