Press "Enter" to skip to content

Пофалница и парична награда за Пеце Јанкуловски и 18 други вработени во РЕК Битола кои помагаа во гаснењето на пожарите

Генералниот директор, Лазо Узунчев, на денешната прослава на Денот на рударите во РЕК Битола, му врачи пофалница на Пеце Јанкуловски, вработен во комбинатот, кој јавноста го запозна како машинистот-херој кој со булдожер го спаси селото Паралово и црквата Св. Ѓорѓи од огнените јазици кои беснееја летово во битолско.

-Горди сме што имаме колега како Пеце Јанкуловски. Пеце покажа храброст и решителност во еден од најтешките моменти за селото Паралово и за црквата во која е гробот на војводата Ѓорѓи Сугарев. Со булдожерот што обично го управува низ рудниците во РЕК Битола, го направи невозможното и ги спаси од огнот селото и црквата. Неговата пожртвуваност нека биде пример за општествена одговорност и хуманост за сите нас, рече Узунчев.

Покрај Пеце Јанкуловски, Пофалница и парична награда од АД ЕСМ ќе добијат вкупно 18 вработени во РЕК Битола кои беа ангажирани во гаснењето на пожарите кои летово ја зафатија Пелагонија.