Press "Enter" to skip to content

Камерниот оркестар на Битола изведе македонски евергрини во срцето на Виена

НУ Камерен Оркестар на Битола го одржа своето прво гостување во Виена со концертот „Македонски евергрини и повеќе“, во величествената црква Св. Ана, еден од најубавите барокни храмови во австриската престолнина. Виена, позната како културна метропола и центар на класичната музика, беше идеално место за претставување на македонската музичка традиција, а “Св. Ана“, со својата извонредна акустика и впечатлива архитектура, создаде совршена атмосфера за овој свечен настан.Настанот се одржа по повод 33 години од прогласувањето на независноста на Македонија и беше свечено отворен од амбасадорот на Македонија во Австрија, г-дин Освит Росоклија. На концертот присуствуваа амбасадори од повеќе земји, а црквата беше исполнета со Македонци кои живеат во Виена, кои со огромна љубов ја проследија изведбата на македонските евергрини.Познатите вокали Ирена Крстеска, Агни Авшар и Ристо Самарџиев ја воодушевија публиката со изведби на безвременски македонски хитови како „Налеј, Налеј“, „Болен ми лежи“, „Елено ќерко“, „Бор садила мома Евгенија“, „Кажи зошто ме остави“, „Љубов неверна“ и многу други. Аранжманите на сите песни беа дело на Владимир Димовски, кој воедно беше и диригент на концертот.Во својата изјава, Владимир Димовски, диригент, организатор и аранжер на настанот, рече:
„За нас, да гостуваме во Виена – градот со најбогата музичка историја и дом на големите светски композитори, е огромна чест и привилегија. Виенската публика, со својата љубов кон музиката и уметноста, ни овозможи да го пренесеме духот на македонската музичка традиција на начин на кој најдобро знаеме – преку срце и душа. Ова гостување е огромен чекор за Камерниот Оркестар на Битола, и горди сме што можевме да бидеме дел од оваа грандиозна музичка сцена.“Публиката беше воодушевена од концертот, а ова прво гостување на НУ Камерен Оркестар на Битола во Виена остави силен впечаток, претставувајќи го македонскиот музички дух пред еден од најпрестижните музички центри во светот.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »