Press "Enter" to skip to content

Д-р Сашо Глигоровски, редовен професор на Кинеската академија на науките нов член на УКЛО Битола мрежата

Со изборот на д-р Сашо Глигоровски, редовен професор на Кинеската академија на науките, кој има висока научна и стручна референцијалност, УКЛО Битола мрежата продолжува да се проширува и да ја верифицира својата респектабилност. Овој факт е потврден на денешното потпишување Меморандум за пристапување на проф. д-р Сашо Глигоровски во УКЛО мрежата. Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски го потенцира восхитувачкиот опус и научен капацитет на новиот член, при што истакна дека УКЛО со посебна радост го вклучува д-р Глигоровски како дел од Универзитетот, нагласувајќи ја определбата на раководството за одржување академска комуникација и соработка со македонски научници кои работат во светот, кои имаат богато научно-истражувачко портфолио и извонредни професионални квалификативи.Новиот член од УКЛО мрежата, д-р Сашо Глигоровски  одржа предавање  на тема: Како хемиските процеси во атмосферата влијаат на квалитетот на воздухот и климата.  Во рамки на актуелното излагање, Глигоровски посочи дека атмосферата е сложен динамичен систем каде се случуваат хемиски процеси и токму затоа интригантно е прашањето како овие хемиски процеси влијаат на воздухот што го вдишуваме секојдневно и секако, на климата. Тој истакна дека во 21 век ова е жешка тема за сите држави во светот кои се стеремат кон алтернативни решенија  и нови  извори на енергија,  затоа што се при крај резервите од фосилни горива. Тој го парафразираше генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш – дека не треба да чекаме да заврши каменот за да завршиме во каменото доба и смета дека час поскоро треба да се посветиме кон алтернативни решенија. Глигоровски укажува дека во изминатите неколку години стана очигледно дека нашите домови претставуваат многу сложен, поврзан хемиски систем, поттикнат не само од емисиите на загадувачи и нивното движење низ воздухот, туку и од бројните хемиски трансформации. Некои од овие процеси може да ги направат овие загадувачи потоксични и да влијаат врз здравјето на луѓето.Инаку, одлуката на Колегиумот на Универзитетот, УКЛО мрежата да се засили со новиот угледен член и да дејствува во рамки на Колаборативниот простор на УКЛО КОЛОРС со проблемски пристап  во заедницата, произлегува од богатата и импресивна професионална биографија на д-р Сашо Глигоровски кој досега има објавено над стотина трудови во Scopus базата.УКЛО мрежата е платформа за поврзување на научни дејци и институции кои делуваат надвор од Универзитетот, односно поединци и организации активни во заедницата, науката и истражувањата како носители или партнери во проекти и досега се потпишани 25 Меморандуми за соработка.