По летните горештини и капењето во море или езеро, октомври е време кога битолчани кои сакаат да “шетаат“ се вртат кон топлите води, посебно кон топлиот базен во Лутраки, или со старо име Пожарско, каде уживаат во топлата термална вода со константни 35 степени, а тука големиот војсководач Александар Македонски ги лекувал раните, во оваа безвременска природна убавина.Многумина битолчани, чест на исклучоци, кои го посетуваат излетничкото место Лутраки, или со старо име Пожарско, своето патување го започнуваат кај големиот базен со термална вода, а го завршуваат во ресторанот “Кај Митре“. Топлата термална вода која е во големиот базен или малиот кој е на влезот на базенот е мамка на која “се фаќаат“ најголемиот број на гости.
-Ова е омилено место на битолчани, а и мое кое постојано го посетуваме кога е поладно времето. Октомври е време кога започнува “зимската сезона“ за капење во Лутраки. Немам зборови за убавината на местото и уживањето во топлата термална вода, некако “тешко“ се кандисуваме да дојдеме тука. Доаѓаме редовно, кога имаме време и можност. Секако по уживањето во кафето и топлата вода продолжуваме “Кај Митре“ на јарешко, каде и понекогаш преспиваме, вели Горан од Велес, редовен гостин во Лутраки, кој вели дека повеќе ужива во реката отколку во базените.
Но, кога се ужува во базенот со топла вода, а погледот ќе се упати нагоре кон планината, се здогледува голема карпа, која надвиснува над кањонот, а се чини дека секој момент може да се падне во бездната поради милионската старост и пукнатините кои им ги направиле сонцето и мразот. За да се увериме во големината на карпата, откако го испивме утринското кафе во кафулето кај базенот кој се наоѓа во подножјето на планината, над Лутраки, се упативме нагоре во планината.
За да се стигне под големата карпа потребно е да поминете дваесетина минути во пешачење, по убаво уредена камена патека, која на поопасните места е оградена со дрвена ограда, се разбира до одредена височина. По уредената камена патека се стига до последните уредени водопади на реката. Таму снаодливите пожарчани, откриле “жица“ топла вода и ја спровеле пред водопадот, каде направиле мал базен во околу 10-тина метри квадратни. По топлењето во малиот импровизиран базен со топла вода, се капат во ладната планинска река која им е само на два-три метри. Тука се по “руски систем“ се “челичат“ само најхрабрите, вистински уживаа додека трчаа од топлата вода до студениот планински водопад.
Потоа се влегува во кањонот кој крие вистинска убавина. Белата боја на карпите е најчеста во водокругот, но водата на некои места има небесно сина боја, а тоа секако е магнет за фотоапаратите. Во кањонот има идеални места за љубителите на фотографијата, а оние кои ги видовме таму се движат горе долу, барајќи подобро место за фотографирање и одбирање на агол за квадрирање. Откако ќе се науживате во убавината на реката, камењата, сината вода, брзаците, дрвјата во реката, се упатувате по уредени камени скали кои водат до под големата карта. Таму се наоѓа место од кое се гледа големиот кањон, кој има безвременска убавина. Местото не е обезбедено, но до него има мала платформа направено со камени плочи, а од таму се гледа врвот на планината, зимзелени дрвја, големи надвисната карпи. Ова место е идеално за фотографирање, а похрабрите не ја пропуштаат можноста да напраат “селфи“ за спомен, а со таа фотографија ќе се пофалат на најблиските, но и ќе пробаат ги убедат и тие да дојдат на тоа место.Но, оние кои сакаат поголеми авантури, секако со соодветна планинарска опрема да се искачуваат повисоко за да уживаат во алпскиот предел кој ги нуди оваа планина која е браник за студениот воздух од север. Да напоменеме дека кога се гледа мапата во центарот на Пожарско, дека на другата страна се наоѓа Македонското Мариово, а пред Втората Светска војна од тука поминувал патот од Мариово до Пожарско, Воден, Солун…
Кога ќе се вратите пак во одлично уреденото туристичко место кај големиот базен, кафето или топлиот чај ќе имаат поубав вкус после капењето во базенот, а во ресторанот “Кај Митре“ вкусот на јагнешкото и јарешкото печење со сите додатоци кој ќе ви ги понудат домаќините ќе предизвикаат голема сласт.
А, секако најомилено место за битолчани, кои без разлика дали се на еден ден дојдени со туристичка агенција или со возило во сопствен аражман е таверната “Кај Митре“ каде се ужива во печените јагнешки, јарешки и прасечки специјалитети. Митре и неговиот персонал се вистински домаќини и на секој му излегуваат во пресрет и го услужуваат според неговите барања. Таверната “Кај Митре“ постои 44 години и никој не го знае бројот на гости кои ги услужиле, нагостиле и испратиле задоволни, да пренесуваат убави впечатоци.
-Таверната постои 30 години и се наоѓа на главниот пат кој води кон термалните води во подножјето на планината, и ние сме еден вид ориентир за сите не само битолчани, туку од цела Македонија. На битолчани и на сите намерници им нудиме печење кои само го подготвуваме и гостите имаат можност да видат како подготвува. Имаме пречекано илјадници гости од Битола и цела Македнија, но и јас имам голем број на пријатели во Битола. Тие доаѓаат кај нас, а јад сум често во Битола и секаде сум одлично пречекам. Се надевам дека ќе продолжиме со заедничката соработка и ќе го продолжиме дружењето, тука во Лутраки и во Битола, вели Митре.
Кочо е одговорен за таверната секој да биде сместен, да биде одлично услужен, а и да му понуди најдоброто јадење, а таму го има многу, и вели дека секој гостин мора да биде услужен на највисоко ниво и да ја добие најдобратаа храна. Вкусната храна, прекрасниот амбиент и одличниот амбиент е рецептот по кој работиме и сме на располагање на нашите ценети гости.
Во Лутраки забележавме поголемо друштво битолчани кои продолжениот викенд го поминуваа во ова место, а Никола Аврамовски, кој е задолжен за “организацијата“, ни рече:
-Можеби не традиционално, но и оваа година решивме пет – шест семејства од Битола, повеќе од дваесетина лица, заедно со децата да дојдеме на продолжен викенд во Лутраки, да кажам во македонскиот дел. Ова место, не само мене, туку и на повеќе луѓе од Битола, ни значи многу и можам да кажам дека голем број битолчани имаа многу пријатели. Нас не плени тоа што сите зборуваат македонски јазик, а ние сме тука сите почестени, одостоени насекасе. Секако најмногу кај Митре, но и во останатите таверни. Ние сме поголемо друштво и овој пат купивме месо од нединствениот и популарен касап во Лутраки, Ристо Масус, а пак негов кум е нашиот Зоран – Волкот од Новаци. Тој ни го отстапи ова преубаво уредено место, простор кој е преубаво уреден како и сами гледате на самото место, за ние заедно да уживаме, да правиме седенки наутро и навечер.
Се надеваме дека со десетина фотографии кои ги одбравме од повеќе од двеста кои ги направивме од ова прекрасно место, каде и големиот војсководач Александар Македонски ги лекувал раните, ќе ви доловиме дел од оваа безвременска природна убавина и ќе се “кандисаме“ да го посетите ова исклучително место.
Текст: Сашо Ристевски
Фото: Сашо Ристевски и Дамијана Ристевска