Press "Enter" to skip to content

Снимен е спотот за песната на Ана и Алексеј од Битола кој ќе ја претставуваат Македонија на 22. Јуниорскиот Евросонг

Готов е видеоспотот за песната која годинава ќе нè претставува на 22-то издание на Јуниорскиот Евросонг. Видеоспотот е во комплетна продукција на Македонската Радио- телевизија и се снимаше на повеќе локации.

Ана Ванчевска и Алексеј Ивановски со песната „Маратон“ чиј автор е Лазар Цветковски и текст на Магдалена Цветковска, на евровизиската сцена ќе застанат на 16-ти ноември во Мадрид, Шпанија.

Ана и Алексеј се извонредно талентирани млади пејачи кои го привлекуваат вниманието на љубителите на музиката насекаде. И покрај нивната возраст, имаат неверојатни гласовни способности кои никого не оставаат рамнодушен.

Ана Ванчевска, родена на 03.05.2010 година во Битола, е извонредно талентирана млада пејачка која веќе се прослави со учество  и освоени први места на голем  број музички фестивали. Нејзиниот моќен глас и неверојатни изведби ја воодушевуваат публиката и судиите, прикажувајќи ветувачка иднина во музичката индустрија. Посветеноста и природниот талент на Ана ја прават извонреден изведувач и инспиративен млад уметник. Таа годинава беше избрана за единствена претставничка на Македонија на престижниот меѓународен фестивал Сан Ремо Јуниор Италија. Покрај музичкиот успех, Ана е посветен ученик  и добитник на бројни државни награди по математика, физика и француски јазик и е вклучена  во реализација на многу проекти.

Алексеј Ивановски, роден на 07.12.2011 година, во Битола, е исклучително талентиран млад пејач кој учествувал и победил на бројни музички фестивали. Неговиот волшебен глас и импресивно сценско присуство го издвојуваат, правејќи го истакнат изведувач со светла иднина во музичката индустрија. Алексеј е активен на бројни општински, регионални и државни натпревари по предметите математика, англиски и француски јазик, од каде има освоено голем број први места. Сака да плива, да шета во природа и да се дружи. Тој многу ги сака животните и дел од своето време посветува на грижата за нив.