Во Центарот за култура во Битола пред присутната публика, беше промовиран вториот роман на Јасмина Атанасова, “Напластување“. Настанот го организираше издавачот – Центарот за култура од Битола како дел од неговата годишна програма поддржана од Министерството за култура.Програмата започна со театарски перформанс во изведба на актерките Илијана Питошка, Елеонора Блажевска и Теона Петровска од Интимен театар, под режисерско водство на Софија Ристевска и драматуршка обработка на Билјана Крајчевска. Перформансот, инспириран од тематските слоеви на романот, ја истакна комплексноста на делото и неговите клучни пораки, користејќи суптилна актерска игра и визуелна сценографија.Директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска Илијевски, ја отвори вечерта со зборови за значењето на поддршката на домашните автори:
-Издавањето на дела како „Напластување“ е значаен чекор за нашата институција, бидејќи ги отвораме вратите за автори кои носат нова вредност во македонската книжевност. Преку вакви проекти, покажуваме дека културните институции имаат клучна улога во афирмирањето на домашната литература.Настанот го модерираше Љубица Ангелкова, која преку разговори и прашања го воведе присутните во тематиката на романот, додека рецензентот Игор Ангелов ја истакна важноста на делото:
-Ова дело не е само уште еден роман. Тоа е предизвик за читателот – да ги препознае своите лични слоеви, да се соочи со своите прашања и одговори. Јасмина со овој роман отвора простор за длабока интроспекција, што е реткост во современата литература.На крајот од вечерта, авторката Јасмина Атанасова им се обрати на присутните, истакнувајќи:
-Овој роман го доживувам како огледало на човековото постоење – со сите слоеви на љубов, болка, прашања и копнежи. Ми претставува огромна чест што моето дело добива простор во една институција со значајно културно влијание, каков што е Центарот за култура.Промоцијата заврши со лична средба меѓу авторката и читателите, кои имаа можност да разговараат и да добијат потпишан примерок од романот. Оваа промоција го отвора патот за нови активности поврзани со романот „Напластување,“ кои ќе бидат објавени во претстојниот период.