Press "Enter" to skip to content

Во црквата “Св. Петка“ во Сиднеј, Австралија, отслужен парастос за блаженоупокоен Архиереј Митрополитот Тимотеј

-За нашиот многу почитуван блаженоупокоен Архиереј Митрополитот Тимотеј. Бог да ја насели неговата благородна душа во Царството Божјо.

Во понеделник, 25 ноември 2024 година, по кратко боледување, се упокои во Господа Неговото Високопреосвештенство, митрополит Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј.Наредниот ден во црквата „Св. Петка“ во Сиднеј беше отслужен парастос на кој учествуваа парохискиот свештеник Отец Владо Недески, Александар Ивановски, Климент Џепаровски и еден еден свештеник од сестринските цркви кој пред неколку месеци сослужувал во Бигорскиот манастир со митрополитот Тимотеј.Покрај отслужениот парастос беше отворена и книга на жалоста каде присутните се потпишуваа и евоцираа спомени од сега покојниот дедо Тимотеј.Пред присутните кратко обраќање на македонски јазик имаше Кире Циревски, а на англиски Александар Младеновски кои напомнаа дека:-Митрополитот г. Тимотеј е роден на 20 октомври 1951 година во Младо Нагоричане, Кумановски. Потекнува од благородни и богољубиви родители Александар и Љуба Јовановски, кои уште од детски години го задоиле својот пород, меѓу кои и младиот Славе, со христијанска љубов и љубов кон Бога. Почитта кон Бога придонесла, по завршувањето на основното училиште, под сестраната духовна грижа на протојереј-ставрофор Стојко Спасевски од Куманово и пастирските упатства на протојереј-ставрофор Спасе Стефановски, младиот Славе да се запише за редовен ученик во Македонската православна богословија„Св. Климент Охридски“, прво во манастир „Св. Илија“ во село Бањане, крај Скопје, а потоа во Драчево. По завршувањето на Богословијата, се запишал на Богословскиот факултет во Белград, на кој дипломирал во 1976 година. По дипломирањето, една година бил службеник во Македонската Архиепископија во Скопје. Потоа, заминува на постдипломски студии на Понтификалниот ориентален иститут во Рим (од 1077 до 1979 година). Успешно магистрирал со тезата „Култот на Пресвета Богородица во Охрид и Охридско“ и се здобил со магистерска диплома.На повик на САС на МПЦ-ОА, се враќа во Татковината и се вработува како предавач на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“ по предметите: Литургика, Историја на уметноста и Патрологија. САС за МПЦ-ОА го назначи за в.д. ректор на Богословијата „Св. Климент Охридски“ во Драчево – Скопје.На 10 септември 1981 година во манастирот „Св. Јован Крстител“ – Бигорски од десницата на тогашниот Архиепискот Охридски и Македонски г.г. Ангелариј е замонашен со монашко име Тимотеј; на 11 септември 1981 година е ракоположен за јероѓакон во истиот манастир; на 13 септември 1981 година е ракоположен во јеромонашки чин во манастирот „Св. Богородица“ – Пречиста кај Кичево, а за архимандрит е произведен во метохот на ман. „Св. Наум Охридски“ (ман. „Св. Наум Охридски“) во Битола. По изборот за епископ од страна на САС на МПЦ, на 20 септември 1981 година е хиротонисан за архиереј на МПЦ – ОА во црквата „Св. Димитриј“ во Скопје.Од 21 септември 1981 година, со Одлука на на САС на МПЦ, е назначен за Митрополит Австралиски. Тогашните услови налагаа да му биде доделена и упразнетата Дебарско-кичевска епархија која ја управуваше како нејзин Администратор, од каде што со самопрегор и трпеливост ќе раководи со двете епархии: со Австралиската до 1995 година, а со Дебарско-кичевската епархија до неговото упокојување. Од 2016 година од САС на МПЦ ОА е назначен да управува како администратор со Австралиско-сиднејската епархија. Во изминатите 43 години како архиереј на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија Митрополитот Тимотеј извршуваше и многу други одговорни задолженија: беше секретар на МПЦ и Администратор на Повардарската епархија (1997 – 2000) год. и од 5.7.2002 до 1.10.2006 година), а до неговото блажено упокојување беше и портпарол на САС на МПЦ.Особено за нашата црковна парохија Св. Петка, Митрополитот Тимотеј има посебно значање. Тој го има осветено културно образовниот центар „Илинден“, пред една година го преосвети олтарот, и посебно мора да се назначи неговата улога и залагање за нашиот прием како парохија во Австралиско-сиднејската епархија, неговиот влог и напор да се заврши долгогодишниот црковен спор. Пошироко, неговата улога за надминување на долгогодишниот раскол во Австралиската епархија е непроценлив.

Со нашиот парохиски свештеник, браќата во управата, сестринството, нашите парохијани и сестрински црковни општини во Австралиско-сиднејската епархија, обединети сме во молитвата за покој на неговата душа, со надеж на воскресение и светло блаженство. Семилостивиот Бог да му го подари Царството Небесно.

Вечнаја Памјат наш сакан и почитуван Дедо Тимотеј!

Кире Циревски

More from ДијаспораMore posts in Дијаспора »