Универзитетот „Св. Климент Охридски„ – Битола достојно го одбележа 8 Декември, посветен на св. Климент, истовремено и голем државен празник. Свеченоста обедини два важни академски моменти со кои Универзитетот заокружува 100 години од основањето на најстарата единица, Научниот институт за тутун – Прилеп и 45 години од основањето на Универзитетот.
Во поздравниот говор, ректорот, проф. д-р Игор Неделковски посочи дека УКЛО со реално остварливи резултати ја продолжува мисијата на својот Патрон при што се нагласени постигнатите успеси, зголемената меѓународна препознатливост, бројот на новозапишани студенти што се дел од силните показатели за академското придвижување на УКЛО како член на европската универзитетска алијанса КОЛОРС.
Тој нагласи дека во 2025 г. продолжува проактивното делување на Универзитетот – отворен кон заедницата, поттикнувачки за наставно – научниот кадар и особено за студентите.
-Традиционално како и секоја година во пресрет на големиот христијански празник Св. Климент Охридски, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ гордо го чествува својот патрон великиот учител св. Климент, бидејќи нашите корени потекнуваат од Охридската книжевна школа што пред повеќе од 1100 години ја основал св. Климент Охридски. Но оваа година имаме дополнителни причини за одбележување. Под мотото “Еден век наука и знаење“ одбележуваме 100 години од почетоците на Универзитетот, односно основањето на нашата најстара единица Научниот институт за тутун во Прилеп. Универзитетот не го прават зградите и опремата туку луѓето кои со децении се вложиле во неговиот развој. Затоа со полно право велиме дека јубилејот 100 години Научен институт за тутун е јубилеј на Универзитетот “Св. Климент Охридски“, бидејќи тие вработените на овој институт заедно со вработените на уште 7 факултети, виши школи и институти во 1979 година се здружиле и основале универзитет во Битола.
-Денес ја заокружуваме оваа јубилејна година. Започнавме на 25 април на денот на основањето на Универзитетот со организирање отворен ден, посветен исклучиво на нашите студенти. Тогаш одбележавме и 90 години од првото студентско здружение основано во Битола од студенти на универзитетите во Белград, Загреб и други градови во Кралството Југославија. Крешендото на нашите многубројни настани оваа година беше организацијата на 9. Ректорски форум на земјите од Југоисточна Европа и Западен Балкан во Битола, на кој присуствуваа околу 60 ректори, проректори и други високи претставници на универзитети од 14 европски земји. Денес го имаме финалето и сме горди што нашиот патрон го чествуваме заедно со нашата претседателка и со сите Вас присутни во салата.
Посебнoст на настанот му даде присуството на македонската претседателка, Гордана Сиљановска Давкова која до студентите и академската јавност, од позиција на истакнат академски деец, успешен политичар и личност со плоден општествен ангажман, во инспиративното обраќање посочи дека:
-Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола не е само чувар на минатото, туку и симбол на иднината – визија која ја овоплотува неуморната жед за знаење, творештво и иновација, ја обединува вековната мудрост со стремежот кон нови хоризонти, каде знаењето и просветителството се водилки на човечкиот напредок и потврда за траен духовен и културен развој.
-Членството во меѓународни академски мрежи како UniAdrion и Европската универзитетска асоцијација, заедно со престижното рангирање на листата на Times Higher Education (THE), го зацврстуваат местото на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ –Битола на глобалната академска сцена. Како втор македонски универзитет што го носи ова признание, веднаш зад Универзитетот„Св. Кирил и Методиј“, но и како прв и единствен од државата во категоријата „мир, правда и силни институции“. Меѓу многубројните достигнувања, особено се издвојува освојувањето на првата награда за најдобар научен труд од областа на биотехнологијата, признание што беше доделено на студент од УКЛО на Меѓународната студентска конференција. Овој триумф е сведоштво за академската извонредност и иновативниот дух што Универзитетот ги негува, претворајќи ги своите студенти во амбасадори на знаењето и инспирација за идните генерации“.
Во име на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, ректорот, проф. д-р Игор Неделковски изрази искрена благодарност до претседателката Давкова која по повод значајните годишни го збогати чествувањето за Патронот, св. Климент. Ректорот во знак на длабоко внимание и подари статуетка од св. Климент Охридски, авторско дело на академскиот уметник Стефан Малбашиќ, којшто ја продолжува зографската традиција и мисијата на византиските средновековни иконописци.
И студентите на УСС УКЛО на македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова во знак на благодарност и подарија букет и колекција студентски изданија со истражувачки трудови и два броја од изданието Студентски КОЛОРС магазин.
Заложбата за подобрување на научните перформанси, Универзитот ја потврди со оддавање признание на наставници и соработници кои ги објавуваат своите научни и стручни резултати во реномирани научни списанија. Доделени се пофалници и награди за објавени научни трудови во академската 2023/24 за Најплоден научник и Најдобар научник, категории во кои се доделени и посебни признанија за младите научници до 35 години.
https://uklo.edu.mk/blog/uklo-gi-objavi-najdobrite-naucnici-za-2024/
Најплоден научник и најдобар научник на УКЛО во академската 2023/24, е професорката Анка Трајковска Петковска од Технолошко- техничкиот факултет – Велес. По повод пригодата, таа меѓу другото истакна:
-Јас нема да застанам со наградава како триумф за „добро завршено” дело. Верувам дека и моите колеги добитници на вредните награди и признанија, а ќе зборувам и во свое име, ќе ја оправдам и ќе продолжам да работам со исто темпо, како што ги разбирам и животот и успехот – како патување, а не дестинација.
Посебното и заслужно место за студентите на УКЛО вклучи неколку убави случувања. Новиот студентски лидер Димитар Атанасовски изрази благодарност кон Ректоратот за достоинствената манифестација, за улогата и местото за студентите и до македонската претседателка која што им направи чест со присуството.
-Нека овој патрон празник е потсетик за значењето на професорот за студентот, но и за студентот на професорот. Едни без други не би можеле, а ние студентите сме тука, гледаме, учиме, делуваме. УКЛО ги додели традиционалните награди за најдобро дипломираните студенти со кои се вреднува вложениот труд и високите успеси што ги постигнале.
Марија Николоска од Економскиот факултет – Прилеп од име на најдобрите рече дека:
-Во овој свечен миг кога се свртувате кон нас, ние се свртуваме кон нашите учители, кои се раководеле од духовната поука дека нема ништо поголемо од учењето со кое се придобива почит и чест. Тоа што се потрудивте да бидеме добри луѓе е всушност и ваша награда. Чесен и добар поединец, ученик, студент – се воспитува од добро воспитан учител и мудар наставник“.
Во рамки на чествувањето, претходниот и актуелен лидер на студентите на УКЛО Борис Гушевски и Димитар Атансосвски му доделија благодарница на ректорот, проф. д-р Игор Недделковски – За комплетната поддршка, присуство на секој студентски настан и силната мотивација во која со ректорскиот тим го придвижија и анимираа студентскиот активизам, со уважување – студентите да бидат вистински “spiritus movens“ на #УКЛО.
Достоинственото одбележување на патрониот ден на УКЛО се одржа во Офицерскиот дом во Битола на 5.12.2023 г. во присуствуво на високи претставници од македонските универзитети, меѓу кои ректорот на УГД – Штип, проф. д-р Дејан Мираковски, поранешни ректори, заменици министри, почесни конзули, академски кадри, вработени и други претставници од општествениот живот.
Програмата беше збогатена со учество на хорот „Стив Наумов“од Битола и исклучителната музичка интерпретација на сопранот, Билјана Талевска со пијано придружба на Билјана Димовска.
Претходно, во чест на Патронот на УКЛО повеќе делегации положија букети цвеќиња пред споменикот на св. Климент, во дворот на Ректоратот.






