Работнички – Пелистер 3:0 (2:0)
Екипата на Пелистер од Битола со пораз од 3:0 од Работнички го заврши есенскиот дел, а првиот гол беше постигнат во петнаесеттата минута по корнер од десната страна, кога битолчани не расчистија, а со волеј на Мазари погоди за 1:0.
И вториот гол “падна“ како и првиот, скопјани изведоа корнер од десната страна, излета во празно голманот Петровски, а Регба со глава само ја втурна топката во мрежата за 2:0.
На стартот на второто полувреме по убава акција на Алжиредот со ирски пасош, Али Регба, топката стигна на втора статива, каде Мазари со својот втор погодок зголеми на 3:0.
До крајот следеше отворен фудбал, неколку полушанси и шанси на двете страни, но резултатот не се менуваше и Работнички запиша најубедлива победа во првиот дел на шампионатот.
По есенската полусезона Пелистер и Брера ги заземаат седмото и осмото место со по 19 бода. Пролетниот дел на Првата фудбалска лига продолжува на 16 февруари, а во првите натпревари во 2025 година Пелистер ќе ја пречека Брера.