Деновиве во ресторанот “Корзо“ во Битола, “Мобилност“ Битола успешно ја организираше и изведе тематската работилница насловена “Мултипла склероза: Фикција или реалност“, со поддршка од “Мобилност Македонија“. Покрај претседателот на „Мобилност Битола“, прим. д-р Нико Јанков, како промотор и модератор, учествуваа и д-р Ирена Стефановска, специјалист невролог од битолската Клиничка болница и проф. д-р Сашо Кочанковски, психолог и гешталт-терапевт.Според Нико Јанков, претседател на „Мобилност“-Битола на лицата со мултипла склероза е потребно да им се помогне за себеприфаќање, но и да им се обезбедат потребните лекови.
-Мултипла склероза е болест која има илјада лица, многу непознати причини, во светот се бараат многу начини на лекување затоа што се движи со голема прогресија. Сакаме да ја анимираме јавноста и државата дека овој проблем уште повеќе ќе се зголемува затоа што терапијата е скапа и државата мора да обезбеди дел од лековите што ги има во светот, но не и кај нас. Нашата основна цел преку овие работилници е да им помогнеме на лицата за себеприфаќање бидејќи за тоа е потребна голема храброст. Некој да си каже во себе дека се прифаќам таков каков што сум, со сите мои недостатоци е голема храброст, посочи Јанков.Излагање имаше д-р Ирена Стефановска, спец. невролог во Клиничка болница Битола, која многу речито, прегледно и едукативно ја прикажа проблематиката, со акцент на важните поенти, разбирливи за аудиториумот. Самото излагање содржеше повеќе новитети во лекувањето кои ги немаше во изминатите 11 години, вклучувајќи ги новите достапни лекови и дијагностички постапки.Проф. д-р Кочановски се претстави во неговиот препознатлив стил, добро познат на сите нас во последните 26 години. Овој пат, за улогата на гешталт-терапијата кај лицата со МС. Излагањата постигнаа полн погодок кај присутните и поради оптималната временска рамка, квалитетот на излагањата и разбирливоста на термини, особено во текот на дискусијата што следеше. Тука се вклучија повеќе членови на „Мобилност Македонија“, со или без МС.По богатата дискусија се искристализираа веќе понудените заклучоци, со напомена дека потребно е: збогатување на дијагностички неинвазивни постапки, збогатување на палетата на лекови со поголемо учество на новите генерации на лекови, создавање на регистар и евентуално на фонд, зголемување по потреба на физикална и балнео-терапија на 2 пати годишно, себеприфаќање, како основен предуслов за откривање, регистрирање и активирање на лицата со МС, имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, развојни планови од институциите на државно и на локално ниво и помош и разбирање од институциите на системот на државно и на локално ниво.-На мислење сме дека пратена е силна порака, прво на членовите на „Мобилност Македонија“, средината и институциите на системот. Времето ќе покаже колку оваа порака ќе стигне таму каде е пратена, какви ќе бидат реакциите и со какви активности или неактивности ќе се покажат во иднина, рече претседателот на „Мобилност Битола“, прим. д-р Нико Јанков.
Во изјава за медиумите, Бранимир Јовановски, претседател на национален Сојуз на лица со телесен инвалидитет на Северна Македонија „Мобилност Македонија“ посочи дека земјава треба доследно да ја применува потпишаната Конвенцијата на Обеденетите Нации за права на лицата со попреченост и инвалидност.