Денес, пред Инфо Центарот на националниот парк “Пелистер“ од Битола се одржа уникатниот настан настанот “Куќа имам на Пелистер“, инспириран од безвременската песна на нашиот сограѓанин, Јонче Христовски.Како беше замислено од организаторор НП “Пелистер“ така и се случи, спој на природата, традицијата и авантурите, а според очекувањата, а на Пелистер на пладне имаше над 1.000 посетители.За денешниот настан директорот на НП “Пелистер“ – Иванчо Тошевски рече:-За мене, и нас битолчани Пелистер е повеќе од планина – тој е начин на живот, бескрајна инспирација и место каде што легендите живеат во секој чекор што ќе го направиме. Со настанот “Куќа имам на Пелистер“, во рамки на Зимска приказна, не само што ја славиме убавината на оваа планина, туку и ја отвораме вратата за сите кои сакаат да ја доживеат нејзината магија, историја и авантури. Ова не е само уште еден настан – ова е празник на природата, авантурите и заедништвото каде целата туристичка понуда на Пелистер е на едно место. Заедно со Општина Битола и Зимска приказна, го правиме Пелистер достапен за сите, претворајќи го во центар на туризмот и авантуристичките искуства, и додаде:-Како планинар, знам дека секој чекор на Пелистер е приказна што трае вечно. Затоа и за овој голем чекор денес изразувам голема благодарност до сите учесници, Општина Битола, градоначалникот, јавните претпријатија, АД ЕСМ, до сите кои ја поддржаа оваа иницијатива и до сите вработени во Националниот парк “Пелистер“.Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски рече:-Денеска за прв пат по толку време Инфо центарот на Пелистер заживува со својот сјај и на јавноста и ја претставува целата туристичка понуда. Ова е регионален собир бидејќи освен битолчани, тука се добронамерници од Преспа, од Демир Хисар, производители на традиционална храна и специјалитети. Манифестацијата „Куќа имам на Пелистер“ се одржува на 14 километри од градот и на 1400 метри надморска височина, како вистинска туристичка атракција. Битола не е само град на културата, град на уметноста… таа е мултикултурен центар и центар со бренд бидејќи името Пелистер за сите значи многу. Овој настан е значаен за “Зимска приказна“ и се надевам дека конечно Пелистер ќе го добие своето значење како прв национален парк во Македонија.На хуманитарниот базар учествуваат дваесеттина фирми со свои штандови кои ги претставуваат своите локални производи од храна, пријалоци, но и агенции со туристичка понуда. Вкусот на Пелистер е содржан во разнообразната понуда што може да се види на штандовите. Настанот „Куќа имам на Пелистер“ обедини локални производители, авантуристички клубови, хотели и туристички агенции, кои нудат уникатно искуство за посетителите. Дополнително, музичката програма со настапите на групата “Деспина“ и “DJ Svaba“ донесе празнична енергија во планинската атмосфера. Посебен акцент беше ставен на наградната игра, каде што средствата ќе бидат наменети за хуманитарни цели, уште една потврда за заедничката заложба за добросостојба на заедницата.Настанот “Куќа имам на Пелистер“е дел од “Зимска приказна“ која ја позиционира Битола како празнична туристичка атракција и двигател на економскиот и туристичкиот развој.За хуманитарниот новогодишен базар на Пелистер, организаторот обезбеди бесплатен превоз, а за спречување на сообраќаен метеж, сообраќајот го регилираа полициски службеници на СВР Битола.
Текст: Жанета Ристевска
Фото: Дамијана Ристевска