Press "Enter" to skip to content

Ги запознаваме најдобрите научници на УКЛО Битола  – Бојан Србиноски

По повод Светскиот ден на науката за мир и развој, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ги избра најдобрите и најзаслужни научници во академската 2023/24. Ректорскиот колегиум на УКЛО врз основа на извештај од Работна група за проверка на пристигнати пријави за избор на најдобри научници на УКЛО за академската 2023/24 г. ги објави своите најдобри научници. Пофалница во категоријата најплоден научник на УКЛО е доделена на д-р Бојан Србиноски од Факултетот за туризам и угостителство – Охрид.

УКЛО втора година по ред продолжува со избор на најдобри научници на Универзитетот? Како гледате на промоцијата на науката на УКЛО и значењето на научната дејност за општеството?

-Одлична идеја за одбележување на достигнувањата на најдобрите научници на УКЛО што овозможува напорната работа на највредните научници да биде препознаена и јавно објавена. Јавноста најчесто претпоставува дека клучната активност на професорите се предавањата и не е запознаена колкав напор е потребен за да се објави еден научен труд во респектабилно научно списание. Дополнително, ваквите иницијативи посебно може да ги мотивираат помладите научници кои се наоѓаат на крстопат и се прашуваат дали вреди да се занимаваат со научна дејност, не во однос само на финансискиот аспект туку дали нивниот напор ќе биде препознаен во иднина.

Кое е Вашето поле на научна опсервација и воедно, најважното научно достигнување во оваа академска година?

-Генерално, појавите во осигурителната индустрија се центарот на моите истражувања. Постојат два мотиви зошто ја развивам својата академска кариера во доменот на осигурувањето. Најпрво, однесувањето на корисниците на осигурителни услуги е многу комплексно и динамично и е детерминирано од серија на фактори, посебно таканаречените бихевијорални фактори кои имаат клучно влијание врз перцепцијата на ризик. Динамичноста на појавите во осигурувањето отвора простор за постојани и интересни истражувања и осознавање на однесувањето и на корисниците на осигурителни услуги и на компаниите за осигурување. Второ, академската фела во осигурувањето не е многу голема, во споредба, на пример, со банкарството, па полесно е да се пробиеш и да соработуваш со познати истражувачи и научници во доменот на осигурувањето. Во однос на моето најважно научно достигнување, би го избрал еден од моите најнови трудови за поврзаноста на гринфилд странските инвестции и диверзифицираноста на осигурителните пазари што успеавме да го објавиме во реномираното научно списание The Geneva Papers on Risk and Insurance-Issues and Practice.

Може ли да ни кажете повеќе за вашиот следен предизвик?

-Како и секој научник, имам желба да објавам труд во квартил 1 од мојата област на истражување што претставува значаен предизвик со оглед на конкурентноста и методолошката ригорозност што се бара во списанијата од областа на финансиите. Дополнително, тековно подготвуваме научен труд за учество на најголемата научна конференција/конгрес во светот од областа на осигурувањето и управувањето со ризици, World Risk and Insurance Economics Congress, кој се одржува на секои пет годиникаде учестуваат најпознатите научници и професионалци од дадената област.

Што според Вас значи да се биде научник и што треба да се направи за да се овозможи попродуктивен научно – истражувачки процес од кој ќе произлегуваат најквалитетни научни трудови?

-Да се биде научник претставува жртвување значаен дел од времето за производ чија вредност ќе биде препознаена од тесна група на луѓе. Да се биде научник значи посветеност на реализација на идеи во кои малкумина веруваат. Да се биде научник значи ригорозност за детали и склоност кон критичко размислување. Да се биде научник значи истрајност во постигнување на долгорочната цел, стекнување почит во научната фела од областа на истражување. За попродуктивен научно-истражувачки процес клучот е вмрежувањето со светски научници од областа на истражување. Тоа е посебен предизвик за млади научници кои се на почетокот од својата кариера. Затоа поискусните домашни научници треба да бидат линкот на поврзување преку вклучување на помладите научници во научни истражувања со етаблирани светски научници. Од друга страна, без пристап до соодветна литература и бази на податоци, лиценци за различни софтвери за обработка на податоци, како и до обуки за нови научни методологии, не може да се бара квалитетен научен аутпут.

More from ВестиMore posts in Вести »