Press "Enter" to skip to content

Министер Перински во Битола: Заеднички до подобрен Закон за локална самоуправа, со европски практики и усогласен на потребите на граѓаните и општините

Битола денеска беше домаќин на првата консултативна средба за најавените измени и дополнувања на Законот за локална самоуправа, организирана од страна на Министерството за локална самоуправа, а поддржана од проектот „Зајакнување на општинските совети“ финансиран од Владата на Швајцарија и Министерството за локална самоуправа, кофинансиран и имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, во соработка со други национални институции и ЕЛС.

-Како што најавивме, до изменет, подобрен и модернизиран Закон за локална самоуправа прилагоден на потребите на нашите граѓани и општини, ќе дојдеме преку широки, отворени и јавни дебати. Токму денешниот настан е првиот од низата планирани во процесот во кој безрезервна поддршка и партнерство добиваме од Владата на Швајцарија и Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП. Вашето учество и конструктивни мислења ќе бидат од големо значење, бидејќи токму во оваа фаза на консултации ги обликуваме неопходните чекори за изменување и дополнување на Законот“, истакна министерот Златко Перински на отварањето на настанот на кој учествуваа градоначалници од Полошкиот и Југозападниот регион, домаќинот, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, дел од експертскиот тим вклучен во процесот за измените на Законот, проф. д-р Александар Спасеновски, проф. д-р Гордан Георгиев и проф. д-р Мемет Мемети, како и претставници од граѓанскиот и невладиниот сектор.Според министерот Перински, причините поради кои ќе се менува, односно дополнува Законот за локална самоуправа, се идентификуваните слабости по неговата дваесетгодишната примена. Клучните аспекти на планираните измени, посочи Перински, вклучуваат зголемена транспарентност и отчетност, унапредување на учеството на граѓаните, воведување комунални редарски служби и развој на недоволно развиени подрачја.

Министерот истакна дека главната иницијација за отворање на Законот е можноста за отповик на градоначалник, со што ќе се зголеми транспарентноста и отчестноста во секојдневното работење на локалните самоуправи, како и воведување на комунален надзор под ингеренции на локалната самоуправа.

-Тоа треба да се доуреди со Законот за комунални дејности, бидејќи таму е опишана целата материја, но како обврска во иднина градоначалниците мора да ја имаат и затоа сакаме да ја имплементираме во ова ново законско решение со што ќе превенираме девијатните промени. Комуналните редари ќе бидат облигаторна работа за градоначалниците, дополни министерот.-Токму овие планирани измени, ќе бидат од голема полза за граѓаните и општините“, истакна градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој изрази задоволство што министерот Перински одлучил подобрувањето на законската рамка да се врши транспарентно, преку јавни и широки дебати, кои стартуваат токму од Битола.

На консултативната средба, беше појаснето дека процесот на работа на експертската група се состои од четири клучни методолошки чекори, односно ќе се врши темелна анализа на постојната рамка, ќе следи консултативен процес кој ќе резултира со изработка на нацрт-измени, кои финално ќе се презентират и достават на усвојување.