Press "Enter" to skip to content

По 61. пат по ред коледарски оган во “Ушици“ во Битола традиција ја негуваат пет генерации (фотогалерија)

-Некој одобрува палење оган, некој не, но во населбата “Ушици“ во Битола коледарскиот оган, вечерва, како и во изминатите 60 години од постоењето на населбата, огнот го најави Христовото раѓање.

-Како и пред 61 години, така и вечерва е запален големиот коледарски оган, во паркчето во кое во лето се игра бељот, а во зима се пали огнот, препознатливо за оваа населба во Битола.

-Договореното од лани го испочитуваа Сашо, Филип и Дејан годинашни организатори на “коледето“.

Палење на огнот за Коледе во населбата “Ушици“ во Битола, продолжи и оваа година, односно 61. пат од кога постои населбата во Битола, а оваа година жителите од “малата“ го запалија огнот и ја продолжија шест децениската традиција, од кога се пали оган.Традицијата започнала веднаш по вселувањето во новите куќи во населбата во 1964/5 година, на местото на стариот “Расадник“, а  коледарскиот оган, од 1965 година, се пали на истото место, во паркот, помеѓу улиците “3-та“ и “2-ра“, како и вечерва на 5 јануари 2025 година.Овој пат коледарскиот оган го запалија најмладите жители на “Ушици“, Марко и Дарио и Горјан, кои се дел од четвртата и петтата генерација на жителите на оваа битолска населба, но огнот за палење го подготвија, како и секоја година Иљо и Митко.-Продолжуваме и оваа година, го палиме коледарскиот оган и го најавуваме Христовото раѓање. Се радувам, и не само јас, туку и сите од населбата, дека продолжуваме со традицијата, дека сме тука, на ова место. Јас веќе 6о години, од кога е формирана населбата. Тука се сите, кои редовно се на Коледе и редовно играат “бељот“ во лето, но и некои кои доаѓаат повремени, вели Иљо Димовски, кој е пензионер од Театарот, а неговата струка, осветлување ја примени кога уште од Нова година го осветли паркот.Во “Ушици“ доаѓаат и жители кои работните обврски и животниот пат ги однеле на друго место на живеење. Еден од нив е Владе Лозановски, кој е роден во “Ушици“, но поради неговата работа, лекар во “Систина“ во Скопје.-Не сум бил тука за Коледе четири-пет години, а доаѓам редовно во Битола, а поради обврски не бев “на оган“ и лани кога моите родители Митко и Олга бев кумови. Годинава сум тука, на Коледе со семејството и се радувам на оваа традиција, која се надевам дека нема никогаш да ја прекинеме во “Ушици“. Убав ден, убави празници, се видов со старите другари од маалата, а се надевам дека вечерва ќе си поприкажеме за некои поминати години. Посебне ме радува што мојот син Горјан, еден од најмалите жители на “Ушици“ заедно со Марко и Дарио го запалија коледарскиот оган, а фотографијата која е направена ќе му биде на Горјан, а и нас едно убаво сеќавање.Оваа година за организацијата на прославата се погрижија Филип Сековски, Дејан Димовски и Сашо Ристевски со семејствата.-Ние сме тука секоја година и заедно го организираме палењето на огнот. Никој од нас не прави проблем за Коледе. Сите се познаваме доволно и секогаш сме заедно на огнот. Тука се сите од “Ушици“ да се дружиме, да го запалиме огнот и да го најавиме Христовото раѓање, како и секогаш, во социјализам и  во комунизам, дали поповите дозволувале или не, дали имало корона, дали има стуг и снег… Ние сме горди на тоа дека нема прекин на традицијата, 61 години населба “Ушици“ – 61 години колерски оган. Продолжуваме  во наредните сто години, вели Филип Сековски, од Рафевци, како ја викаа порано неговата фамилија, а Дејан додава:-Оваа година, односно пред неколку месеци поставивме и параклис, а местото го уредивме, донесовме вода, поплочивме со плочки мал дел од паркот, а не стигнавме да го покриеме параклисот. Повторно сме истите луѓе, не гледаме кој, кога или колку, тука само да биде местото уредено, чисто и да има место каде ќе се дружиме.“Постарите“  кои се тука децении на огнот за Коледе, а покрај него таму се раскажува за минатите времиња и секако се потсетуваа  како беше низ годините.-Тука знаеме и во лето да си направиме без повод седенка по бељотот, но сега е друго има повод, Коледе и Божик. Тука на едно место сме четири – пет генерации, на огнот, или кај картите, вели Цанко, кој се радува што тука е запален огнот по 61. пат, е се надева дека ќе гори на овој ден уште 100 години… а ќе се продолжи традицијата која ја започнаа нивните дедовци, татковции Душко, Спире, Мендо, Душко, Рампо, Коле, Рафе, Коста, Џајко, Бале, Сандре, Томе…Додека повозрасните беа зафатени со палењето на огнот, за да ги избркаа злите духови и да го најават Христовото раѓање, најмалите од “Ушици“ тоа го направија со пеење на коледарски песни. -Секоја година во “Ушици“ е  весело и со богата трпеза, беа разлика дали е комунизам, социјализам, капитализам, и дали поповите кажуваат дали да се пали оган или не, да се јаде покрај огнот или не. Никогаш немало некој да бил против, да кажувал дали треба или не треба да се пали оган, бидејќи оган се палел и ќе се пали, се краделе дрва за оган, горел до сабајле, ние од ова место сме се дружеле и пак ќе се дружиме, вели Владо Михајловски – Диката.-Ние не сме од “Ушици“, тука сме мажени, која 25, која 30, која повеќе од 30 години, како “невести“ кај Мендо, кај Рафевци, кај Фидан, но се чуствуваме како да сме од “Ушици“. Можеме да само да кажаме дека оваа е една од ретките населби каде се уште има маалско дружење. Сите си помагаат кога некој има потреба, а заедно ги поминуваат и сите веселби. Но, до пред неколку години, ова беше само машко Коледе, но сега, тоа, ај да речеме, трите ние го променивме, а ни се придружија помладите, Билјана, Марија… Како и изминатите години, така и оваа, сме заедно на оган со мажите, и продонесуваме овој ден да биде прославен поинаку, велат Славица, Олга и Жанета, кој ја прекинаа традицијата на машко коледе во “Ушици“. “Децата од нашата улица“ беа порано, како што ги “знаеја“ сите во населбата “Ушици“ или некогаш најмладата генерација оваа година, Андреј – Штрк, Тино, Дамјана, Кико, Андреа, Ања, Кико Далаверата… сега веќе полнолетни,  уште во текот на денот си го оргaнизираа Коледето. Си поканија друштво од други места низ Битола, а вечерва беа малку понастарана од возрасните за да си бидат слободни, но сепак дел од Коледе.

Сашо Ристевски

Фото: Дамијана Ристевска

More from БитолаMore posts in Битола »
More from ВестиMore posts in Вести »