Press "Enter" to skip to content

Ги запознаваме најдобрите научници на УКЛО Битола – проф. д-р Александар Иванов

По повод Светскиот ден на науката за мир и развој, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ги избра најдобрите и најзаслужни научници во академската 2023/24. Ректорскиот колегиум на УКЛО врз основа на извештај од Работна група за проверка на пристигнати пријави за избор на најдобри научници на УКЛО за академската 2023/24 г. ги објави своите најдобри научници.

Пофалници во категоријата најдобар научник на УКЛО се додели на проф. д-р Александар Иванов од Факултетот за безбедност – Скопје.

УКЛО втора година по ред продолжува со избор на најдобри научници на Универзитетот? Како гледате на промоцијата на науката на УКЛО и значењето на научната дејност за општеството?

-Одбележувањето на денот на науката е празник за Универзитетите, имено, тоа е симболично одбележување на смислата на постоењето на образованието и науката како еден од столбовите на општеството. Ме радува тоа што УКЛО најде начин како да го одбележи овој значаен дел од причината за нашето постоење. Тоа е основ и да се запознаеме подобро меѓусебно, но и да споделиме на општата јавност дека и покрај бројните недостатоци има работи во кои сме успешни.

Кое е Вашето поле на научна опсервација и воедно, најважнотонаучно достигнување во оваа академска година?

-Мојот научен интерес се Меѓународните односи, еколошката безбедност и управување со ризици поврзани со катастрофи. За изминатата година би го истакнал објавувањето на два труда во Меѓународни научни списанија во кои се вклучени испитаници од Македонија и соседните држави, при што предмет на анализа во едниот труд се разликите за свеста, знаењето и безбедноста поврзана со животната средина помеѓу студенти од Македонија и Црна Гора. Во друг интересен се анализираат разликите за подготвеноста на населението поврзано со случување на земјотреси во Србија, Црна Гора и Македонија.

Најголемо задоволство во изминатата година ми претставува продолжувањето на соработката помеѓу научните работници во регионот истражувајќи прашања поврзани со нашиот предмет на интерес. И во оваа смисла ценам дека само така можеме да постигнеме подобри резултати, бидејќи процесот на учење е постојан. Единствено сигурно е дека непознатото е огромно, а среќни може да бидеме ако барем малку „изгребеме“ од неговата површина.

Може ли да ни кажете повеќе за вашиот следен предизвик?

-Следен предизвик ми претставува водење и реализација на проект од Интеррег ИПА Адрион програмата. Втор предизвик ми е како да најдеме модалитет повеќе да ги вклучуваме студентите во искористување на можностите за учење, истражување, размена, а со тоа да им помогнеме покрај со знаење, да се стекнуваат и со вештини кои ќе ги подобрат нивните почетни капацитети за напредок во кариерите.

Што според Вас значи да се биде научник и што треба да се направи за да се овозможи попродуктивен научно – истражувачки процес од кој ќе произлегуваат најквалитетни научни трудови?

-Прашањето е одлично, но и многу тешко да се одговори. Верувам дека одговорот има когнитивна, морална и филозофска димензија.   Сократ никогаш ништо не напишал, дали тоа значи дека не бил научник? Демокрит го објаснил и претпоставил постоењето на атомот илјадници години пред тоа да биде докажано. ИлонМаск не пишува трудови, но дали тоа значи дека не е научник? Што да кажеме за Стив Џобс? Затоа ќе кажам дека човекот кој има прометејска ненасушна потреба од знаење, инстинктивна љубопитност за севкупното опкружување и нераздвојната дијалектичка поврзаност на целиот жив и нежив свет може да поседува карактеристики на научник.

More from ВестиMore posts in Вести »