Фудбалерите на Пелистер од Битола деновиве во Охрид ја одработуваат втората фаза од зимските подготовки пред вториот дел од сезоната, откако подготовките ги започнаа во Битола. Тие денес на стадионот “Билјанини извори“ играа против екипата на Земун, од Србија и се поразени со резултат 1:3, полувреме 0:2.
Тимот на Пелистер работи под раководство на новоназначениот тренер Срџан Захариевски кој тимот го презеде пред стартот на подготовките, а работи со помошниците Вангел Алтипармаковски и Борче Маневски и тренерот на голманите Горан Пашовски.
По натпреварот во Охрид, Захариевски за подготовките ни рече:
-Подготовките течат во најдобар ред, освен тоа што имаме повреда на капитенот Ивановски кој отсуствува, Љамчевски не беше десетина дена на редовни тренинзи, денес на замор или вирус се пожали новото засилување од Русија. Останатите се во ред работат и се прилагодуваат на она што го бараме, а за нив е нешто ново, се за Пелистер да игра поофанзивен фудбал, да создаваме шанси, а ни останува да видиме како сето тоа ќе го вкомпонираме во една целина.
За тоа што останува да се доработи во Охрид до недела, Захариевски додава:
-Имаме уште две пријателски средби да одиграме до недела, а на резултатот од нив нема да даваме значање, како и за денешниот резултат против Земун. После денешниот натпревар имавме тренинг во “теретана“, утре имаме два тешки тренинзи, а во петок тренинг и натпревар со Охрид. Сакаме да работиме напорно во овој период, и на тоа сме целосно посветени и во тој ритам ги работиме подготовките. Најбитно за нас е она што ќе го подготвиме, а тоа да се направи на терен на офоцијални натпревари, а не на пријателски натпревари. Секако овој пораз денес не го очекував и не сакам да губи екипата, но во овие подготовки најбитно е сите да добијат шанса, да имаат подеднаква минутажа, што мислам дека ретко тоа го добиваат. Сите работат исти и имаат иста минутажа, но на крај ќе видиме кој работел и кој се изборил за првиот тим. Според тоа, а истото им го кажувам на фудбалерите тие сами со работата се ставаат во првиот тим или клупата, а не јас.
Пелистер го очекува тешка пролетна полусезона, за што Захариевски вели:
-Не само нас, туку и сите екипи ги очекува тешка пролет, но гледаме прво да се подготвиме физички, да се воиграме што подобро, и што поподготвени да бидеме во првиот натпревар.
Капитенот на Пелистер, Мирко Ивановски, денес наместо на терен беше на трибините на “Билјанини извори“, а за втората фаза од подтовките ни рече.
-Морам да кажам дека не само јас туку и сите од тимот сме задоволни од условите кои ги имаме тука во Охрид. Имаме одлични услови за работа, одличен хотел кој излегува во престер на сите наши барања, а со оглед на тоа во кој временски период имаме лош терен. Подготовките се движат во одлична насока. Како и секои подготовки и овие се тешки што е и нормално пред стартот на пролетниот дел каде не очекуваат тешки натпревари. Се надевам дека не само со мене туку и со останатите фудбалери се ќе биде во ред и максимално подготвени ќе бидеме пред стартот на вториот дел. Одигравме два контролни натпревари, резултатот е најмалку важен во моментов, а најважно е да нема повреди, и да го работиме тоа што ни кажува тренерот, пред првиот натпревар на 16 февруари.
За атмосферата и хемијата во тимот капитенот додава:
-Кај нас секогаш има одлична хемија во тимот, за фудбалерите, јас како капитен немам никакви забелешки и така ќе биде и во иднина, додека јас сум капитен. Првите неколки недели беа тешки подготовките беа напорни, а сега работиме со топка, сите се во тимот. Што се однесува пак до новајлите, можам да кажам дека одлично се прифатени. Секако дека на сите им треба време да се навикнат на новата средина, посебно странците. Знам како е кога се оди во странство, ти треба време од околу еден месец да се навикнеш, меѓутоа ако се навикнеш на останатите фудбалери ќе ти биде полесно, а кај и останатите фудбалери токму тоа го правиме за нашите нови играчи. Отсекогаш битолчани биле гостопримливи за фудбалерите “од страна“, а ни уште еднаш како клуб го потврдивме тоа.
За очекувањата во пролетниот дел Ивановски додаде:
-Што се однесува пак до пролетиот дел ќе биде потежок од есенскиот и затоа мораме што подобро да се подготвиме. Нема да се плашиме од никој, одиме да се натпреваруваме, да победуваме, бидејќи ние сме Пелистер. Очекувам дека сезоната ќе заврши како посакуваме, да ја оствариме целта, а тоа е опстанок во Првата лига, а јас лично се надевам дека можеме да одиме и чекор понапред. Но, се да биде резервирано, да не се залетуваме, прво да ја оствариме целта, а потоа ќе видиме.
Текст и фото: Сашо Ристевски










