Од денес екипата на македонскиот ракометен шампион, Еурофарм Пелистер од Битола замина на подготовки во Стара Пазова, Србија, каде ќе ја темпира формата за остатокот од сезоната и за предизвиците во Лигата на шампионите.
По две и пол недели работа во Битола и без ракометарите кои настапија на Светското првенство во Хрватска, Данска и Норвешка, првакот на Македонија, Еурофарм Пелистер од денес замина за соседна Србија. Имено, Раул Алонсо ја поведе екипата за Стара Пазова, каде битолчани ќе работат во следните пет дена. По шест слободни дена репрезентативците на Македонија: Кузмановски, Костески, Пешевски, браќата Атанасијевиќ и Митреевски и Тунижанецот Хосни се приклучија кон групата и заминаа за Србија. Заради повреда со нив не е Нејц Цехте, кого го чека пауза од неколку месеци заради скршените ребра на натпреварот против Аргентина.
Тренерот Раул Алонсо, вчера по последниот тренинг натпревар кој го одиграа двете екипи на Еурофарм Пелистер изјави дека жали за повредата на Нејц Цехте, но се радува што на тимот ќе се приклучат сите репрезентативци кои оставија одличен впечаток на Светското првенство.
-Работевме напорно и имавме многу тренинзи со силен интензитет. Атлетскиот дел е важен и мирно работевме на тој сегмент, а сега заминуваме во Србија, каде ќе ни се приклучат и сите македонски репрезентативци. Тимот е подготвен да ги издржи предизвиците и напорите од наближените натпревари до крајот на сезоната. Ние не сме единствен што имаме таков распоред и ќе мораме да се носиме со тоа. Повредата на Нејц е лоша вест за нас и навистина ми е жал за него, но тоа е составен дел од спортот и ќе мораме да се снаоѓаме без него. Скршени ребра никогаш не можат да бидат наивна повреда, ќе се обидеме да го надоместиме неговото отсуство. Му посакувам брзо заздравување, рече тренерот Алонсо.
Пелистерци ја продолжуваат сезоната со првенствениот меч против Куманово (осми февруари), а прв предизвик во Лигата на шампионите ќе им биде натпреварот против Спортинг, кој е закажан за пет дена поцона.