Националната атлетска надеж Дарија Ивановска од Битола ја започна новата сезона со одлични резултати на Националното првенство во атлетика на Бугарија за атлетичари под 18 години, кое се одржа во Софија на 1 и 2 февруари.
Ивановска, која настапи вон конкуренција, постави личен рекорд на 1.500 метри со време 5:17.84, што ѝ донесе трето место. Покрај ова, таа учествуваше и во трката на 800 метри, каде со време 2:34.37 го освои петтото место.
Со овие резултати, атлетичарката на АК Олимп најавува уште една успешна сезона исполнета со рекорди и борба за нови подиуми.
-Пресреќна сум што сезоната ја започнувам со личен рекорд и добри пласмани. Ова е само почеток, продолжувам со посветена работа за уште подобри резултати во претстојните натпревари, изјави Дарија Ивановска по натпреварот.
Од АК Олимп истакнуваат дека Ивановска останува еден од најсветлите атлетски таленти и дека клубот ќе продолжи да ја поддржува во нејзиниот развој и идни успеси.