Маја Андоновска-Илијевски директорката на Центарот за култура во Битола денес ја официјализира оставката која претходно ја поднесе, а кој јавноста се обрати со писмено соопштение кое го пренесуваме:
-Почитувани колеги, соработници, новинари, поддржувачи и драга публико,
По шест години и шест месеци исполнети со посветеност, визија и љубов, денес официјално ја напуштам функцијата директор на Националната установа Центар за култура – Битола и се враќам на сцената на Битолскиот театар, каде што започна мојата актерска кариера.
Поднесување оставка е тежок личен чин, кој го правам со длабока анализа, размислување и проценка на состојбите и причините кои водат до него.
Во текот на овој период, со мојот исклучителен тим од вработени и надворешни соработници, заедно покажавме и докажавме дека културата е најсилниот амбасадор што нѐ претставува пред светот. Со професионален пристап и искрена страст, успеавме да ги редефинираме границите на можностите и да покажеме дека културата дека културата во Македонија може да се носи со сите светски текови и правила, жива е, моќна е и неизмерно вредна. Низ нашите сали поминаа илјадници посетители, реализиравме бројни настани, ја зајакнавме позицијата на интернационалните фестивали со долга традиција, но и инициравме два нови , интернационални филмски фестивали. Со гордост можам да кажам дека 3D киното во Центарот за култура стана најпосетеното во државата.
Ако треба да се изразам математички тоа би изгледало вака: Во 6 години и 6 месеци се реализирани 4.196 настани кои ги посетиле 739.342 вкупен број на публика.
Овој уметнички пат ми овозможи соработка со врвни уметници, продуценти и културни работници од земјата и странство, создавајќи партнерства кои продолжуваат и денес. Голема чест ми беше што во текот на моето раководење, Центарот за култура ја доби највисоката награда на фестивалот BEAM за најуспешен државен настан за фестивалот „Илинденски денови“ во 2022 година.
Центарот за култура навистина стана центар на врвни уметници, младински иницијативи и иновативни проекти. Нашите врати беа секогаш отворени за ентузијасти и млади таленти кои бараа поддршка и инспирација за своите идеи. Мојата мисија отсекогаш беше да ги поддржам домашните уметници и да го поттикнам нивното идно творештво.
Со особено внимание се посветив и на подобрувањето на условите за работа на вработените. Изминативе години успеавме да го осовремениме Центарот со комплетно нов светлосен и звучен парк, модерна билетарница,портирница, реновирани работни простории, дојавувачи за пожар кои беа надвор од употреба над 10 години, 400 нови Долби наочари за потребите на 3 д киното во Битола,и нови влезни врати.
Тимот на волонтери – нашата „војска на културата“ – ми влеа верба дека културата ја пренесуваме како вредно наследство на идните генерации.
Посебна благодарност упатувам до нашата публика – вистинскиот метроном што го диктираше ритамот на нашата работа, знаејќи да награди, да пофали, но и да критикува со цел да станеме подобри.
Новинарите будно го следеа секој наш настан, известувајќи и поддржувајќи ја секоја иницијатива и без нивното значајно учевство и присутност нашата приказна не би била иста.
На вработените во Министерството за култура и туризам и на 5 те министри со кои имав можност да соработувам им благодарам за поддршката и препознавањето на важноста на Центарот за култура Битола, а благодарноста не е ништо помала ни до совет на општина Битола, вработените и соработката со двата градоначалници. Соработка која секогаш беше идентично присутна во градењето на заедничка успешна приказна за културата во Битола.
Јас пак, со гордост ги носам трите значајни признанија кои ја одбележаа оваа етапа од мојата кариера: две награди за „Најуспешен човек во културата“ од Битола во 2021 и 2023 година на манифестацијата ,,Најуспешни битолчани” , како и наградата „Жена со најголеми достигнувања во културата“ за 2024 година, доделена од Жени претприемачи.
Сега е време да се вратам на сцената – таму каде што започнува и завршува мојата уметничка приказна.
На новото раководство, мојот почитуван колега назначен за ВД директор, Влатко Илиевски, му оставам институција без долгови, со стабилни основи и јасна визија за иднината. Од срце посакувам успех во натамошната работа, продолжувајќи ја мисијата на најуспешната културна установа во регионот, а јас со радост ќе продолжам да ги поддржувам и да доаѓам на сите настани…
И за крај уште еднаш , би сакала да истакнам дека имав чест да соработувам со врвен тим на професионалци на кои им сум бескрајно благодарна за соработката и креативноста, за визијата која ја споделивме и за проектите кои ги сработивме. Се трудев да имаме професионален но и пријателски однос, и да поминеме убави години работејќи заедно.
Знам и верувам дека сме тим, кој навистина покажа како може и како треба кога се работи со посветеност и љубов .
Се надевам дека министерството ќе го земе во предвид мојот предлог за дополнување на тимот во НУ Центар за култура Битола и институцијата ќе продолжи да се развива како лидер меѓу центрите за култура во нашата држава достојно претставувајќи го и градот Битола и Министерството за култура и туризам на Република Македонија.
Со благодарност и почит, Маја Андоновска Илијевски