Press "Enter" to skip to content

Три основни училишта ќе добијат спортски сали, нови во “Стив Наумов“ и “Даме Груев“ во Оризари и реконструкција во Бистрица

Локалната самоуправа во Битола, продолжува со активностите за подобрување на спортската инфраструктура во општината. За проектите кои беа најавени кон крајот на минатата година, веќе се финализира документацијата, а оваа недела се очекува да започнат и работните активности на терен за реконструкција на салата во Бистрица. Со новото проектно решение треба да се изврши реконструкција на кровната конструкција, која моментално е целосно рушена, да се уреди внатрешниот простор, согласно проектното решение, каде главна намена е салата во функција на училиштето, како двовисински простор.

Просторната организација на објектот ќе биде организирана во две доминантни целини: приземје (280 м²) и галерија (100 м²). Приземјето ќе содржи мултифункционален простор за спортски активности и помошни простории. Галеријата потребно е да е во комуникација со приземјето за да биде функционална со што би се користела и како гледалиште за културни манифестации. Вкупната вредност за реализација на овој проект изнесува 37.599.996 денари.

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денес имаше работна средба и со директорите на основните училишта „Стив Наумов“ од Битола и ПУ „Даме Груев“ од Долно Оризари, со цел координација во однос на динамиката со која ќе се врши изградбата на две типски училишни спортски сали во дворовите на овие училишта.

За двете локации изработени се програми за изградба кои се основа на урбанистичка документација и основа за одобрување на основните проекти. На денешните работни средби беше нагласено дека типските проекти се со фази: Архитектонски, градежно конструктивен, електротехнички, термотехнички проект, ППЗ, мислење за проектиран степен на механичка отпорност и други елаборати.

Предвидените типски спортски сали за двете локации се со иста големина и зафаќаат површина од 660 м² и за двата проекти наскоро се очекува да бидат добиени одобренија, односно решенија согласно член 73 од Законот за градење.

Градоначалникот Коњановски, нагласи дека, покрај изградбата на трите спортски сали, локалната самоуправа, веќе подготвува и реконструкција на девет спортски игралишта и терени, се со цел поддршка и поттикнување на спортскиот и натпреварувачкиот дух кај учeниците и младите.

More from ВестиMore posts in Вести »