По две години немаше на снег и “мирување“ на ски-патеките оваа година љубителите на зимските спортови од Битола и околите патеки се вратија на ски-патеките и уживаа во скијањето и бордањето. Оваа година скијачите и бордерите на ски-патеката “Копанки“ уживаа во одлично подготвената ски-патека, а најзаслужен за тоа е возачот кој управува со ратракот, Дејан Стерјовски , кој е дел од тимот на хотел “Молика“.Стерјовски за неговата работа, за возењето на раткакот, за подговката на ски-патеката зборува со многу радост, а како вели, се радува на секој ден кога скијачите имаат одлично подготвена патека, подготвена со љубов, во што има прилика да се уверам кога не однесе на ски-патеката над Копанки се до камењарот.
-Скијам од дете и редовно сум на Пелистер, односно на ски-патеката од Бегова до Копанки и по ски-лифтот во зима, и лето на планина, а како скијач сум рекративец. Ски-патеката ја познавам одлично и затоа ми е полесно ја подготвувам и да одржувам за скијање, а сега и за бордање. За мене да ја подготвувам и одржувам ски-патеката значи само едно, љубов, да сакаш да ја направиш, и плус тоа да одговара на сите, на оние кои започнуваат со скијање и оние кои повеќе навлезени во скијањето, вели Дејан Стерјовски.
За тоа како се одвива процесот на подготовка на ски-патеката Стерјовски вели:
-Подготовката започнува уште со првите врнежи од снег, а како пример ќе кажам како се одвиваше подготовката за оваа сезона. По дневните врнежи од снег патеката ја подготвував некаде после полноќ. Но, во текот на ноќта, на подготвената патека, заврнаа уште десетина сантиметри снег а таа количина ја направи неупотреблива за скијачите. Некаде рано наутро се вратив на ски-патеката и во 7-8 часот наутро имавме одлична патеката, а првите скијачи кои беа околу 9-10 часот живаа на неа, без ниту една минута чекање.
Дејан за тоа колку трае “поминувањето“ на двете патеки, првата од Бегова Чешма до Копанки и втората над Копански до камењарот по ски-лифтот вели:
-За да се “поминат“ двете патеки и за да се добие одличен квалитет потребни се добри, скоро четири часа. Кога има врнежи од снег патеката се поминува како има потреба, а кога е веќе подготвена и има поголем број на скијачи и бордери се поминува секој ден. Кога сме кај подготовката сакам да кажам дека како хотел “Молика“ сме целосно посветени. Иако самата подготовка бара и зголемен број на работни часови, зголемена потрошувачка на гориво за ратракот…, од страна на директорот имам целосна слобода, и потполно одврзани раце, во проценката за кога да се подготвува и одржува патеката и тоа да го правам. Како резултат на тоа годинава имаме вака одлично подготвена патека за што добиваме само пофалби, што можам да кажам дека многу ни значат на сите, а ние сме тука токму за тоа. Морам и да споменам дека имам на располагање и извонредно возило – ратрак, кое според спецификацита сосема одговара на она што ние потребно, силен мотор, многу фини подесувања, се со една цел да имаме одлична ски-патека.
Инаку, Дејан Стерјовски има дваесет и седум години работен стаж, во хотел “Молика“ е вработен пред некоја години, а дојде од националниот парк “Пелистер“ од Битола, а таму работеше на работно место дотур на дрва, а тоа значи дека целиот работен век и живот, потекнува од Магарево, до сега го поминал на планина, и не се откажува од планината.
-За мене Пелистер е живот, цел живот го поминав тука, на Пелистер. Посебно ми е мило што работата ми е поврзана со мојата љубот планината, а имам среќа да работам на планина, и ви никој случај немам намера да се откажам од тоа, да живеам на планина и да работам на планина, вели Дејан.
А, како изгледа “канцеларијата“ на Дејан Стерјовски, односно кабината во ратракот и како е неговиот “поглед од милион долари“ можете да видите низ фотографиите кои ги направме на ски-патеката од неговиот “офис“.
Текст и фото: Сашо Ристевски