На последната средба со новинарите директорот на Народен театар Битола – Васко Мавровски ја најави работата на битолскиот театар во оваа година, која започна со премиера на “Жиголо“, која се одигра на новата сцена во петокот.
-Оваа сезона НТБ ќе има 10 премиери, од кои 3 праизведби, една детска претстава, две претстави кои се дел од програмата во основните и средните училишта. Министерството за култура и туризам финансира 4 проекти “Црно семе“ – според романот на Ташко Георгиевски (праизведба), “Кога ние мртвите ќе се разбудиме“ – Хенрик Ибзен, “Магбет“ – Вилијам Шекспир и “Госпоѓа Бовари“ – Густав Флобер, рече Мавровски и додаде дека НТБ ќе има гостување со претставата „Галеб“ на фестивал во Ереван, Ерменија.
Согласно Одлуката на уметничкиот совет по предлог Годишната програма за работа на НУ Народен театар Битола за 2025 година доставена од страна на директорот и Одлуката на Управниот одбор на НУ Народен театар Битола се прифаќаат, за реализација од сопствени средства, следните проекти: “Којзнае зошто?“ – според расказот „Сонот на смешниот човек“ Ф.А. Достоевски, “Жиголо“ – Игор Кузмановски (праизведба), “Чорбаџи Теодос“ – Васил Иљоски, „Рибарски караници“ – Карло Голдони, “Пламенка“ – според романот на Петре Димовски (праизведба), “Пипи Долгиот Чорап“ – Астрид Линдгрен за што авторската екипа ќе биде избрана преку интерен оглас на НУ Народен театар Битола.
Мавровски направи споредба на периодот јануари, фебруари 2024, кога НТБ имал 14 изведби и 3.088 посетители, а во истиот период оваа година НТБ имал 20 изведби и 4.880 посетители.
-Тоа зборува дека кампањата „Дојдете во театар“ и посветеноста на сите вработени кои деноноќно се во театарот, ги даде своите резултати. Горди сме на тоа што го правиме и јавно изразувам благодарност до секој еден посетител кој одделил дел од своето време и го посетил Битолски театар. Во месец фебруари морам да кажам дека немавме претстава во која имавме празно седиште.
Мавровски ја најави и промоцијата на монографијата „Народен театар Битола“, на авторот Иван Додовски, испишана на 310 страници, испечатена од “Графопром“ Битола.
-Сметам дека сме гигант помеѓу театрите и први сме во државата кои успеавме да изработиме монографија која е црно бела, истакна директорот за Монографијата за која ќе има посебна промоција.
Фото: Дамијана Ристевска