Press "Enter" to skip to content

Во Сиднеј, промовирана книгата “Летопис на духовната пчела“ од Кире Циревски (фото)

Во горната сала на Културно образовниот центар “Илинден“, веднаш до црквата “Св. Петка“ во Сиднеј, Австралија, беше организирана промоција на книгата “Летопис на духовната пчела“ од авторот Кире Циревски. Интересот за ова дело во повеќе од  500 страници, во тврд повез ги собра нешто повеке од осумдесетина нашинци, кои со нетрпение очекуваа  да се снабдат со овој историски аманах од самиот зародиш на  македонската заедница и градбата на црквата Св. Петка во Рокдајл. Во тој контекст се запишани неколку илјади нашинци по име и презиме.

Нешто повеке од пеесетина фотографии А3 формат беа изложени како потврда на растежот, градбата, активностите, и немилите настани кои се случуваа во овој период. Промотор на оваа книга беше парохискиот свештеник отец Владо Недески, кој најпрвин му даде збор на потпреседателот на црковната општина “Св. Петка“, Александар Младеноски  да го престави авторот:-Кире Циревски е еден од најистакнатите активисти во македонската  заедница во Австралија, рече Младеновски. Во црковната  општина  “Света Петка” од Рогдаел членува долги години.  Неколку  години беше нејзин претседател, секретар и благајник, во чиј домен работаат македонското културно уметничко друштво “Илинден” и во првата македонска  детска  градинка надвор  од  границите на Република Македонија.  Кире беше првиот секретар на одборот за организирање на најголемата културна манифестација во Австралија во 1986 година “Денови на македонската култура”, и  претседател на одборот за градење на првиот  македонски  манастир во Нов Јужен Велс.  Пет години беше главен  и  одговорен  уредник на весникот “Македонски весник” кој се печатеше во Сиднеј. Беше уредник и водител на македонски радио час кој  континуирано  се  емитуваше  нешто  повеќе од 20 години. Беше основоположник на македонската телевизиска програма на каналот 31 во Сиднеј и нејзин уредник во првите 18 месеци.  Акредитиран известувач за Македонското прес – биро на министерството за информации  на  владата  на  Република  Македонија, како и акредитиран соработник на Македонското радио. Член е на Здружението на новинарите на Република Македонија.  Повремено  пишуваше за  “Нова Македонија”, за илустрираното списание на Матицата  на  иселениците  од  Македонија  и македонската страница на “Ново Доба” – неделен весник во Австралија. Повремено пишува за Македонските весници “Денес”,“АМН” и порталот “Битола Њус”.  Во многу наврати неговите тонски коментари и известувања се емитувани во ударните термини на Македонската Радио-Телевизија во Републиката. Циревски  беше  и првиот секретар на фудбалскиот клуб “Илинден” кој се натпреварува во првата  лига  на  фудбалската  федерација на федералната држава Нов Јужен Велс.  На негова иницијатива е организиран Македонскиот одбор за координација и организација на пикници и прослави “МОКОПП”, во кој учествуваа скоро  сите  фолклорни  друштва  и  црковните  општини од Нов Јужен Велс.  Иницијатор  и  организатор  е на  централната прослава  на денот на независноста на Македонија која се одржува секоја година во сиднејскиот кварт Рокдајл. Иницијатор и организатор е на културно уметничките друштва “Преспа” и “Мите Богоевски”. Потписник е на повелбата за збратимување на општините Рокдајл и Битола и додаде:

-За неговата  долгогодишна и несебична работа  во зацврстувањето на единството  на  македонското  иселеништво, во  афирмацијата  на  неговиот  национален идентитет како и  за се поголемото експонирање на македонската вистина низ молтикултурните процеси во светот, Циревски е првиот македонски иселеник на кого едно општинско собрание од Република Македонија му врачи награда на иселеник.  Добитник е на единаесето-септемвриската награда(највисоко општинско  признание) на општина Ресен. Во 1989 година ја добива првата награда за успешно  уредување  и  водење  на  македонски  радио час, како  најдобро  остварување во категоријата “Иселенички радио часови”.  Истата  година добива златна плакета и благодарница од Матицата на иселениците од Македонија за големиот придонес и афирмацијата на македонската нација во средините каде живее иселеништвото, а во 1990 година добива специјално признание за особени остварувања во  новинарството од  страна  на Здружението  на  новинарите  на  Македонија, како  и  специјална плакета  по  повод  четириесет  годишниот јубилеј на здружението. Многубројни се признанијата, трофеите и благодарниците добиени од македонските друштва и асоциации. Промоторот Отец Владо Недески обраќајки се кон авторот рече:  

-Почитуван г-дин Кире Циревски, почитувани членови на Управата на Црквата Света Петка, почитувани присутни поддржувачи и промотори на нашата Македонска Светиклиментова Црква МПЦ-ОА и нашата Македонската култура и традиција тука во Австралија. Ми причинува особена чест и задоволство, да бидам промотор на делото кое денес е пред нас, а е плод на една долгогодишна, макотрпна и континуирана и искрена заложба на авторот, да ја презентира историјата за создавањето и развојот на Црковната Општина света Петка во Рокдајл. Ова дело кое е пред нас, како што напомнав, е опширно четиво за почетоците, развојот, успесите но и падовите, првенствено на Црковната општина света Петка но исто така, тука се изложени и многу фактографски податоци и за многу други останати здруженија и истакнати македонски дејци и организатори, кои се дел од животот на Македонската заедница тука во Австралија. На почетокот авторот дава значајно и концизно запознавање со историјата на Австралија и со историјата на Македонија и Македонската Православна Црква, поврзувајќи ги во контекст на почетоците и формирањето на Македонската заедница во Австралија, почнувајќи од самиот зародиш кога во Австралија имало само мал број на Македонски доселеници, па се до периодот на 60 те и 70 те години на 20 век кога голем број Македонски доселеници ја населуваат Австралија и македонската заедница почнува да се формира и да се организира во иницијативни одбори со желба за културни, национални, традиционални и религиозни здруженија. Здруженија има многу, но Македонската заедница е една, па затоа и кога се говори за Црковната општина “Цвета Петка”, неминовен е фактот дека до идејата за формирање на оваа општина се дошло токму преку КУД Илинден, за подоцна преку овие стожери, се создавале и се испреплетувале други културни, општествени, социјални и спортски здруженија за кои овој труд дава обилни податоци и согледувања кои се многу значајни за нас денес, но исто така ќе имаат и непроценлива вредност за идните генерации. Кире Циревски не е само собирач, туку е во најголем дел и директен сведок за сите настани кои се опишуваат. Преку грижлив хронолошки редослед, авторот дава податоци за иницијативниот одбор и членовите на тој одбор како и за постепеното организирање, обезбедување и прибирање на средства, обезбедување на простор како и за почетокот на градбата на црквата Света Петка со детално следење и извештај за извршената работа ден по ден.  Преку документи, сведоштва и фотографии е отсликано подигнувањето и ставањето во Црковно богослужбена функција на храмот Света Петка. Се даваат концизни податоци за почетокот на Црковниот живот и за развитокот низ годините кои следат. Книгата е и веродостоен извор за зародишот и формирањето на идеи, Фудбалски клуб, Свеќоливница, но и здруженија како Шаховско, Пензионерско, Женско, училишно просветно. -Овој труд има во себе еден дел монографски карактер, затоа што го покрива историскиот но и црковниот развој на Храмот. Се дава опис на градбата но и внатрешната украсеност и велелепност на храмот која се унапредувала низ годините и се уште се унапредува со поголем интензитет и акцент на последните неколку години. Црквата света Петка, низ годините влегувала под јурисдикција на различни владици но и на различни парохиски свештеници и различни Црковни управи или Одбори кои се менувале низ разни раздобја на животот на Црквата. Авторот вешто дава на само податоци туку и анализи на состојбите поради кои се доаѓало до некое случување, а потоа дава и анализа кои се последиците од тоа случување. Слично како и животот на еден човек, така се бранува и животот на една Црква или една црковна заедница. Црквата иако пребива во овој свет, таа не е од овој свет. Според учењето на Црквата, Црквата е Тело Христово, а сама глава на тоа тело е Господ Исус Христос. Тоа тело тука на земјата е создадено од членови, кои всушност ја актуелизираат црквата. Така, покрај мирните и благословени моменти во животот на Црквата, се јавуваат и искушенија кои ќе ја разбрануваат состојбата внатре во Црковната заедница и ќе предизвикаат поделби и проблеми, кои иако никој не ги очекувал или никој не ги посакувал да траат толку години, сепак се случиле и се пролонгирале во период во кој, се изгубиле во неповрат многу важни работи. Не мислам на високи суми на пари, мислам пред и се на изгубен црковен живот, изгубен мир, и изгубени безброј можности за младите генерации кои се изгубија во неповрат. Ќе бидам искрен, иако фактите се тука, јас како свештеник не сум бил присутен и апсолутно не ги сведочам овие мачни моменти кои се појавуваат со проблемите и судските рочишта кои се појавуваат помеѓу црковната управа и верниците од една страна и парохискиот свештеник и владиката од друга страна. Овие известувања ни малку не се пријатни но сепак авторот сметал дека треба да ги обелодени се надевам со искрена намера и желба овие проблеми никогаш повеќе да не се повторат и повратат. 

Покрај следењето на судските процеси, проследени се и сите преписките на управата, со официјалните црковни лица тука во Австралија, но и во татковината – Република Македонија. Безбројни писма, барања и обиди да се прекратат недоразбирањата, и да се врати мирот и редовниот црковен живот во храмот. Во овие тешки и мачни периоди се правеле разно разни импровизации, и супститути колку да се одржи црковното јадро и да се одржи она што можело да се одржи. Проследени се многубројни објави во весници, реакции и писма кои се во овој контекст. Во овој труд како што напоменавме, поместени се безброј вредни сведоштва од создавањето но и развојот и напредокот на Црковната заедница и општина а кои се случуваат особено во последниве години а после завршувањето со судските процеси и поделби. Авторот ги следи сите понови проекти како што се продолжувањето со фрескописот, пристигнувањето на свети мошти во црквата, осветувањето и поставувањето на ново автоматизирано црковно ѕвоно, изградбата на мозаикот на предната влезна врата во Храмот, пристигнувањето на новите икони и нивното поставување на иконостасот, изградба на тремот пред црквата, комплетното реновирање и надградба на олтарот и неговото преосветување кое се случи во 2022 година со посетата на нашиот надлежен митрополит г. Тимотеј. Со други зборови овој труд има детален опис на сите градби но и догрдаувања, реновирања, обнови, акции, украсувања. Во овој труд сместени се и сите манифестации кои се случувале и се поврзани со оваа заедница како и јубилеите кои се прославуваа со особен акцент на прославата на 40 годишниот Јубулеј. Почитувани присутни, сакам на самиот крај да искажам благодарност на Авторот на ова дело Кире Циревски, кој нам не ни е туѓ, а ни е брат. Овој наш собрат низ целата историја на овој Храм, на многу наврати бил на различни функции како – претседател, секретар и член на одбор, но пред и се бил подржувач и следбеник на Светиклиментовото дело и во Црковна смисла и во Просветителска смисла. Бил и сеуште е, непоколеблив промотор на Македоската култура, традиција и идентитетска посебност, но и на Македонската Православна Црква. Неговиот непроценлив допринос не е само за овој Храм, туку е допринос и за цела македонска заедница, а овој негов труд – Летопис на Духовната пчела, е само печат на тој допринос. Ова негово дело, не задолжува и нас кој колку можеме, секој во својата позиција да се обидеме и ние да дадеме адекватен допринос според примерот и делото на Свети Климент кој е наш патрон заштитник и покровител на МПЦ ОА. Бог да го утврди овој Свет Храм во Вековите а нас, Македонците и цела наша Македонска заедница да не направи вистински следбеници Христови, апостоли на мирот и љубовта на која Бог не научи и не задолжи секако по молитвите на покровителката и заштитничката на овој свет Храм Светата Параскева Петка.На крај пред присутните се обрати и авторот кој меѓу другото рече:

-Почитувани присутни, Најпрвин сакам да Ви искажам топло добродојде и искрена благодарност за Вашето присуство без кое ова промовирање ќе ја немаше оваа значајна важност за мене, како автор, за моите соработници и за сите македонски, црковно-национални активисти, како во Сиднеј, така и од цела Австралија ако не бевме сите тука заедно.  Оваа книга е фактографија и огледало за една себевградувачка дејност што е остварена и се уште трае и пулсира за нас Македонците кои знаеме како да ја сакаме и како да и се оддолжиме на Татковината. Многумина твореле и придонесувале на разни начини за доброто на својата Татковина и Црква. Многумина пишувале разни летописи и патеписи за нас Македонците во дијаспората.  Иако не сакам да признам дека сме во дијаспора, затоа што тоа би значело одвоеност и раселеност од родната грутка.  Но, напротив, дијаспората нас не направи, поединствени, поблиски и покреативни и приврзани за Татковината Македонија.  Тоа не е патетика и фраза, туку потврда дека со многубројните видливи, евидентни, па и големи дела, ја вткаивме нашата ЉУБОВ, ГРИЖА и ПАТРИОТИЗАМ за поврзување со Македонија.

Сакам, драги пријатели, да Ви кажам дека ова што ќе го најдете во книгава е нешто што за разните личности, споменати во неа, преставува свето живеење и делување. Таа е вистината, за судбината наша, од дамнина. Живеевме сите заедно со една желба да имаме Црква, да го негуваме родољубието кон Македонија. Несебично правевме Божји дом, дом народен, дом на културата, на традициите, фолклор, спорт, дом на стреќавање и на дружење. Тоа е веке реалност на многу места каде што живеат нашите раселени сестри и браќа од цела Македонија.  Ова е книга за еден изминат, трновит пат, кој за жал, за нас во Австралија и во Сиднеј е се уште послан со препреки. Таа има еден чуден, себеубиствен и сидромски, недовршен епилог. Преку  факти и документи се создава слика како неколкумина многу лесно можат да разградат и обезвредат нешто во што е вткаена лубовта и пожртвуваноста на илјадници. 

Синдромот на самоуништување кај Македонците е одамна присутен. Со години тие живеат исполнети со злоба и завист и се подготвени да ги (зло) употребат сите методи, да го сторат и невозможното, за да седнат на владејачкиот пиедестал. Ако до пред некоја година важеше народната “да му умре козата на комшијата“, сега таа вели “да умре и комшијата“.  Делбите меѓу Македонците можат да се почувствуваат на секое место, во секоја институција. Токму таа себичност – зошто тој, а не јас – го натера кутрото Македонче да лута во непознат правец, без патоказ за иднина. Македонците од сите делови на распарчената македонска земја кои залутаа преку големите води се впрегнаа во самоорганизирање и го запалија Свети Климентовото кандило на Австралискиот, на Американско – Канадскиот и Европскиот  континент. Делбите на Македонците не се само по политичка определба и партиска книшка која стана пресуден фактор за удобен живот, туку  и во САС на МПЦ не ни цветаат рози, не ни одат  работите како што треба. Тоа го осетивме сите ние кои успеавме да се одтргнеме од канџите на Митрополитот г. Петар во дваесет и четири годишниот судски спор. Значи овие залутаните биле кадарни да ги изградат Светите храмови во Австралија, а потоа како изградени светилишта, се наметнува закон со кој бара да му се даделе  тапиите на негово  име, наводно тие, што ги изградиле не биле кадарни, односно не знаеле да ги управуваат.

Но, за среќа, не во недоглед. Зашто се додека канбаната на “белата македонска убавица“ во Рокдајл (Св. Петка) и на нејзе сличните растурени по светот, ги поздравуваат минувачите, се дотогаш македонскиот пиреј ќе одолева на секаков обид за истребување.  Овој повеќе од четириесет и пет годишен опстој на “Св. Петка“ кој е поделен на тринаесет поглавја може едноставно да се подели  само на два дела; “Растежот и афирмативниот опстој на Св. Петка“ во првите дваесетина години и “Мрачниот период и самоуништување на се што е дотогаш направено“ во последните  дваесетина  години. Австралија е наше судбинско засолниште, наша неминовност, бидејки тука сме ние и нашите деца.  Таа не е нашата  Мајка.  Родината  ни е Македонија.

Она што го правиме сме уверени дека ќе ги оправда нашите заложби да бидеме Македонци овде каде што сме. Оваа книга е хронологија – историја на нашите активности. Како приоритетно да се осознаеме и покрај сите погроми, да истраеме на патот кој го почнаа тие пред нас, а го продолживне ние, а понатаму ке чекорат и нашите деца. Книгата е историја, книга образ за секој еден верник и поединец кој се вцрквува или не, во оваа наша  Македонска Православна  Свети – Климентова црква посветена на Св. Преподобна  маченичка Параскева – Петка Римјанка. Книгата е поткрепена со факти и документи како што доликува, и на благочестивиот  Македонски  народ  да му се каже вистината од премрежијата кои успеавме да ги пребродиме во 24 годишните судски процеси. Она што го направивме ние Македонците во Рокдајл Ве уверувам дека достоинствено ќе го продолжат и нашите поколенија во новата татковина  Австралија.

Уште еднаш драги пријатели Ви благодарам за присуството, му благодарам на промоторот, отец Владо Недески за неговиот сеопфатен пристап кон презентирањето на оваа специфична материја, благодарност на Неговото Високопреосвештенство Митрополит Дебарско-Кичевски, Плаошко-Струшки и администратор Австралиско-Сиднејски г. Тимотеј за дадениот Благослов,  голема благодарност до сите членови  на управните одбори на МПЦО “Св. Петка“ од самиот почеток, а посебна благодарност на актуелниот управен одбор на чело со претседателот Борис Димчевски, со кого го изодивме најтрновитиот пат за да се стаса до изгрејсонце. Благодарност до сите оние кои помогнаа со разни сугестии, напатствија  да се отпечати  оваа книга, на сите оние кои помогнаа да се организира оваа промоција.  Но посебна благодарност за г-динот Крсте Георгиевски истакнат бизнесмен, најголем донатор на МПЦ, сопственик на познатата компанија “Марко Поло“, кој без  наплатување ги донесе книгите за да можеме еве денес да ја организираме промоцијата. Благодарност до сите верници, како и свештениците кои Богослужеа во нашата црква: Александар Ивановски, Љупчо Двојаковски, Митко Митрев, Климе Џепаровски, Наум Деспотовски, Рубин Бојчевски, Неговото Високопреподобие г. Гаврил,  и актуелниот парохиски  свештеник – промоторот  Владо  Недески. “Сите ве сакам“, како што велеше покојниот Тоше Проевски. Ги почитувам и тие што се обидуваа да ставаат сопки во растежот на оваа црковна општина, и да го оспоруваат нејзиниот растеж и подем. Но, нејзините темели се поставени  врз цврста  основа и се столб на црковно – националниот опстој на македонскиот народ на овие простори.Тука се зачнати: Просветно училишниот одбор за Нов Јужен Велс, Фудбалскиот клуб “Илинден“, пензионерското друштво “Св. Георги“, Женската група “Добро Утро“, Шаховската група “Илинден“, дебатните клубови “Крсте Петков Мисирков“ и “Вистина“ и уште многу други придружни организации заедно со Куд “Илинден“ се крвотокот на македонската заедница, а црковната општина “Св. Петка“ е своевидна Амбасада. За крај сакам да кажам “Сè додека сами си ја занемаруваме сопствената историја, премолчуваме и замижуваме на вистината не можеме да имаме своја иднина”.   Уште еднаш нај искрено ви благодарам на сите.

More from ДијаспораMore posts in Дијаспора »