Press "Enter" to skip to content

Осум жени од Битола, Аница, Благица, Елизабета, Ивона, Каролина, Наташа, Сандра и Теодора за 8. Март

М-р Жанета Ристевска

Жените на денешницата, а секако во таа група се и жените од Битола сe херои, лидери каде и да погледнете, од високи позиции во компании, успешни во професии каде доминираат мажите, но и домаќинки кои ги растат и воспитуваат своите деца, жени кои се и глави во семејството, жени кои се справуваат со предизвици што ги постави времето во кое жиееме со кризи на социо-економски, политички, морален план, кои донесоа  доста стресови. Жени кои пркосат на стереотипите и прашањето: дали жената може да се носи со улогата да врши значајна функција во општествено- политичкиот живот?

Денес, еден век и повеќе, подоцна откако активистката за женски права Клара Цеткин  ја предложи идејата за Меѓународен ден на жените (1910), постигнат е значителен напредок во родовата еднаквост. Но, суштината на празникот 8 март и денес треба да остане иста, демонстрации, борба за родова еднаквост и празнување. Борбата уште не е завршена, за милиони жени во светот – ни оддалеку.

Осми март би станал ден на заблуди и лага, доколку веруваме дека со тој еден ден на посебно внимание – дали преку цвеќе или подарок – ќе заборавиме или простиме на секојдневните неправди коишто се случуваат  во смисла на дискриминацијата на жените, насилство врз жените и стеротипите кои се вкоренети. Стереотипи кои постојат за улогата на жената и постигнување равноправност на половите,  кои се уште постојат. Ќе кажам само дека Клара Цеткин би се гордеела  жените на денешницата. А за што Клара Цеткин би ни кажала БЛАГОДАРАМ? Одговорот на ова прашање  низ споделени искуства за предизвиците со кои се соочува современата жена и  силни пораки од 8 жени од различни професии и возраст, објавени по азбучен ред на нивните имиња.

Прим. д-р Аница Апчевска Василева, специјалист педијатар во ПЗУ „Плодност“ Битола

8-ми Март, Меѓународниот ден на жената го чувствувам како најзначаен празник кога се одбележува борбата за економска, општествена и политичка рамноправност меѓу половите. Она што ми остава посебен впечаток е тоа што во нашиот историски контекст борбата за еднаквост меѓу половите е нераскинливо поврзана со борбата за работнички права, а со тоа и со можностите на жената да биде самостојна, да одлучува за себе и за своите деца, да има свој имот, и можеби најважно, професионално да се усовршува и надградува. Едновремено тоа не е само борба на жените за да докажат дека се еднакво способни како спротивниот пол, туку и за да остварат подобар живот на секој човек и да ја искоренат секоја неправда. Особено во Македонија, во совремиево, жените го обелуваат образот во речиси сите сектори во приватниот и јавниот сектор, а истовремено херојски го поднесоа и поднесуваат товарот на транзицијата и тешката економска состојба, успевајќи да ги одгледаат новите генерации. Тоа е како ја гледам суштината на ова празнување. Она, пак, што би сакала да го видам во иднина е многу поголемо почитување и соодветно вреднување на трудот, креативноста и општествениот придонес на секоја жена според нејзиниот сопствен афинитет и избор, без оглед на тоа дали се работи за високо специјализирана научна или стручна дејност, индустриско производство, бизнис, судство, земјоделие или традиционално „женска” дејност особено во областите на нега, грижа и воспитување.

М-р Благица Сековска – магистер по сообраќајно транспортно инжинерство во “СН Групацијата“ Жената во 21 век не е само столб на семејството, таа е и столб на економијата. Современата жена е жена која држи до себе, вложува во својот потенцијал, во својата едукација, постојано ги усовршува своите вештини и ги зголемува своите капацитети. На тој начин современата жена е рамноправен партнер со мажите во деловниот свет и многу често и иницијатор и пионер во деловните чекори.

Во СН Групацијата негуваме пристап на поддршка на постојано јакнење на професионалните капацитети на жените вработени во нашата групација, но и грижа секогаш да се има баланс меѓу деловниот и приватниот живот. Веруваме дека жените кои вложуваат во својата професионална надоградба истовремено вложуваат и во капацитетите на нашата групација. Кога жената може да направи баланс меѓу семејството и кариерата таа има енергија на двете полиња да вложува повеќе. Затоа ги охрабруваме сите жени да вложуваат во себе, во својата кариера и своето семејство. Само така ќе бидат уште покорисни за целото општество и ќе дадат квалитетен придонес во се во што партиципираат.

Елизабета Каровска – професорка во ОУ “Св. Кирил и Методиј“ Битола-8. Март, меѓународен ден на жената, ден кој е посветен на признанието, почитта и благодарноста за сите придонеси кои жените ги даваат во секој аспект на нашето општество. Овој ден има длабок историски корен, од времето кога жените започнале да се борат за своите права, за еднаквост, за правото на образование, работа и учество во политичкиот живот. Денес, тој е потсетник дека и покрај големиот напредок што е постигнат, постојат уште многу предизвици со кои се соочуваат жените ширум светот, како и во нашето општество. Денес, посветуваме внимание на сите жени кои се храбри, кои се водечки фигури, на оние кои инспирираат со своите постигнувања и на сите кои работат на промена на светот. Без разлика дали станува збор за жени во науката, образованието, културата, спортот, политиката или во секојдневниот живот, улогата на жената е непроценлива.

За среќа професијата која ја избрав-наставник, каде доминира женскиот, често ја покажува вредноста и важноста на жената во образованието и воспитувањето на децата на помала возраст. Нека овој ден биде поттик за понатамошно усмерување на нашите напори за изградба на општество во кое жените ќе имаат еднакви можности, слобода и права. Се со цел иднина во која нема да постојат бариери, предрасуди и ограничувања. 

М-р Ивона Шурбевска – финансиски директор на “КС Групација“Биди секогаш своја, предизвик е да си жена. Жената има дарба од Бога, да ги остварува животните улоги на мајка, сопруга и деловна жена. Самата природа и дава способност да може се да постигне. Жената не ја создаваат ниту годините, ниту облеката, ниту облините. Успешното менаџирање е привилегија на жените исто колку и на мажите. Изминавме долг пат за поместување на традиционалните женски улоги во општеството. Денес, ние сме жени со кариера и лидерски способности и ги кршиме лидерските бариери. Општеството често гледа со резерва и ограничувања на жените кои сакаат брак и деца, отколку да постигнат цели во кариерата. Најголемиот успех е кога ќе се направи комбинација на амбициите, кариерата и семејството. Верувам дека жената може да има и семејство и кариера. Да се биде мајка е работа со полно работно време – вие сте одговорни за новиот живот кој сте помогнале да се создаде и се грижите за вашето дете до крајот на животот.

Посебно сум горда што сум дел од КС Групацијата, затоа што во нашите компании родовата рамноправност е длабоко вкоренета, а професионалноста, знаењето, посветеноста и лојалноста се клучни вредности што се ценат без разлика на полот. Напредувањето во компаниите се темели на постигнатите резултати, што обезбедува еднакви можности за сите вработени. Задовлство ми е што во нашата корпорација имам соработка со многу колешки и соработнички, коишто успешно се градат и чекорат кон професионалните достигнувања со големи амбиции.

“Be the light that brings hope and that accelerates progress towards an equal, sustainable, and peaceful future.”

Каролина Димеска – самостоен инспектор во СВР Битола, поранешен припадник на специјалната антитерористичка единица “Тигар“-Воспитувана сум и растена во дух каде нема разлика меѓу половите. И за мене нема машки и женски професии. Во мојата професија доминираат припадници од машки пол, но женските припадници се рамо до рамо со нив. Во мојата службена должност во професијата се соочувам со секојдневни предизвици на кои треба веднаш да се одговори. Но огромно е задоволството за секој постигнат резултат. Ние сме секогаш во служба на нашите граѓани и секој наш успех ја гарантира безбедноста на сите. Имав голема поддршка од моите родители да  бидам во  оваа професија. Исто така имав  голема чест да бидам дел од  Одделот за специјални полициски операции – Специјална единица „Тигар“ каде рамо до рамо со припадниците од машки пол учествува во многу акции и задачи. Денес работам во Отсек за превенција во СВР Битола со чин самостоен инспектор.

Секогаш сум достоинствена и професионална во извршувањето на моите задачи, ставајќи се на располагање на граѓаните и нивните потреби. Нашиот оддел традиционално за  празникот 8. Март го одбележува подарувајќи цвеќе на припадничките на понежниот пол. Но, сите ние покрај нашата нежност, грижливост, милост не красат голема храброст и волја да се соочуваме со секојдневните предизвици кои стојат пред современата жена, мајка, сопруга и допринсува со  својата професија и работата во опшстесвото. Честит празник на сите жени кои се  херои на ова време!

Наташа Стојановска – маркетинг менаџер во “ПР линк Маркетинг“ дел од “BV Bussines Group“Не само на 8. Март, 365 дена во годината жени борци во општеството кои рамо до рамо работат и творат за подобра иднина со своите колеги од посилниот пол. Нашето општество е општество на лидери посебно на лидери од женскиот пол. Со развојот на општествато ние како жени  многу постигнавме, многу научивме, но допрва ќе се бориме и учиме, не само денес, туку 365 дена во годината!  На патот на личниот и професионален развој, жените се соочуваат со многу бариери само затоа што се жени. Од овие причини треба да се продолжи да се одбележува 8. Март, сè додека не се постигне целосна родова еднаквост. 

Денес во Македонија навистина има жени за почит кои сами по себе се уникатни и автентични. Жени лидери, жени кои се пример во општеството, кои постигнале многу во своите области, дел од нив се и во нашата групација. Не би сакала да издвојам една но можам да кажам дека се гордеам со женскиот тим на нашата групација кои од година во година  се се побројни. Во нашата групација во зависност од условите, на различен начин сме го одбележувале 8 март (со делење цевќе, делење подароци,  организирање забави), но можеме да потенцираме дека го користиме секој ден во годината да им покажеме и докажеме на жените дека се вредни и значајни за нашата групација. 

Сандра Грибовска – актерка во Народен театар БитолаПоемата може бар за миг да излаже дека ја уловила нашата нескротливата моќ, сликата може да се обиде да ја прикаже нашата бескрајна длабочина, претставата може да поттикне фантазија за нашата комплексна убавина, а музиката може да ги наостри сетилата, залажувајќи дека тајната на женската семожност е откриена. Ние, жените, сме неисцрпна инспирација, уметност во служба на уметноста, точка на врзување на сè што постоело и сè што постои на овој свет. 

И затоа, од сè срце сакам да им го честитам 8-ми март на сите жени, и воедно да ги потсетам колку сме прекрасни, големи, силни, значајни и вредни за почит и слава во секој ден од годината, во секој час од денот, во секоја секунда од нашето битисување.  Никогаш да не заборавиме да се вљубуваме одново во себе, да се поддржуваме и почитуваме меѓу себе, и да продолжиме храбро да се бориме против сè уште присутните, застарени модели на перцепција на стварноста. Ослободени од рамките во кои упорно не туркаат, ние сме биле и ќе бидеме промената што го води напред и нагоре светот во кој живееме. 

Теодора Михајловска – генерален секретар на Универзитет “Св. Климент Охридски“ од Битола8. Март е ден за потсетување. Интернационален ден кој го празнува правото на глас на жената. Борбата за рамноправност на жените во светот е врежана во историјата. Таа борба, без прекин, сè уште трае. Денешните жени не се ни помалку хероини, ни помалку значајни и важни.  Напротив… Обврската да го направат светот подобро место за живеење секојдневно ја зголемува нивната одговорност. Затоа, ова е ден кога секоја личност треба да ја пронајде, во себе, љубовта кон човештвото и да се бори за остварување на човековите права, без разлика на полот, социјалниот статус, верата, расата или националната припадност. 

Ова е Ден кој треба да нè потсети на женската солидарност и хуманост, оти тоа е нешто вродено кое секоја жена го има, но можеби условите, приликите и конечно самиот живот направил тие да бидат длабоко потиснати во неа.  Ова е Ден кој треба да го потсети Светот дека жената е столбот на семејството, но истовремено е и креативниот двигател на општеството. Способноста на денешната жена да најде баланс помеѓу професионалните и личните обврски не е само вештина, туку и избор. Жените успеваат да ги интегрираат професионалните и личните обврски. Тоа е херојство, тоа е сила! 8 Март е повеќе од празник кој треба да нè потсети дека само на овој начин можеме да го направиме Светот подобро место за живеење во кој секој ќе добие подеднаква можност да се чувствува среќен.