Пелистер – Работнички 83:90
Вечерва во Битола екипата на Пелистер е поразена од Работнички и тоа по вторпат сезонава, бидејќи “пелистерци“ не успеаја да му се реваншираат и пред својата публика се поразени со со резултат 83:90. Пелистер на овој дуел беше ослабен со неиграњето на Американецот Галовеј, кој поради смртен случај во потесното семејство се врати во САД. Пелистер одигра одлични први десет минути. Мишковиќ одново ја презеде улогата на лидер и благодарение на неговата одлична игра на првата мала пауза се замина со предност на домаќинот од 25:19.
Во втората четвртина работите на битолскиот паркет се променија. Работнички се избори за пресврт. Работнички во раната фаза од вториот период поведе со 29:32, принудувајќи го Трајковиќ на тајм-аут. Мишковиќ беше незапирлив во нападот на Пелистер постигнувајќи 19 поени во првите 15 минути од мечот, но уморот го стигне и стагнираше. Работнички имае предност од еден поен на полувреме 41:42.
И на стартот на третара четвртина Пелистер никако не успеваше да влезе во ритам, а Работнички казнуваше. Од минута во минута гостинското водство се зголемуваше и во последната четвртина се влезе со десет разлика за гостинот од Скопје (56:66).
Ништо не се промени ниту во финалните десет минути. Гамбрел за момент влезе во ритам во нападот на домаќините, но американскиот плејмејкер не можеше сам да ги врати битолчани во мечот, па гостите од Скопје заслужено го добија овој натпревар со конечни 83-90.
Пелистер ја намали убедливата негатива во последните петнаесетина секунди со двете тројки што ги постигна Александар Костоски. Работнички искусно го сочува високото водство и на крај се избори за триумф од седум поени разлика (83:90).
Кај Пелистер се истакнаа Мишковиќ со 28 и Гамбрел со 22 поени.