-Вечерва на Кркардаш беше тивко, го немаше џагорот, насмеаните лица на младите битолчани, ведрите лица на домаќините – баирчани… туку наместо радоста на првиот ден на пролетта и денот на младенците, царуваше тагата по загубените 59 млади животи во Кочани…
И годинава, вечерва 21, наспроти 22 март, за жал во денови на седум дневна жалост, битолчани, пред се наши млади сограѓани се искачија на Баирот над Битола и тивко, достоинствено ја испочитуваа вековната традоција, го посетија манастирот посветен на Светите четириесет Битолски и Севастополски Преподобни Маченици, или како битолчани го викаат Кркардаш, да ја испочитуваат традицијата, запалија свеќи, се помолија за покој на душите на нивните врсници кои загинаа во пожарот во дискотеката во Кочани, се помолија за здравје на повредените и на сите нас.Вечерашното топло време, на првиот пролетен ден, не го донесе големиот џагор како секоја година, туку сите се движевме тивко, со што помалку зборување низ улиците низ Баирот, иако беа полни, а по домовите на баирчани ги немаше гостите, што е разбирлив со огледа на состојбата по големата трагедија.
-Тешко е да се биде вечерва тука, на Кркардаш по она што се случуваше деновиве, но еве гледате дека со колвав почит и достоинство се палат свеќи, битолчани се помолуваат на Светите 40 Маченици и ја одржуваат традицијата, не секогаш во убави времиња. Поминале битолчани тешки времиња на Кркардаш, постарите кој знае што се имаат поминато војни, сиромаштија…, ние полициски час во време на короната, но сега е некако најтешко, тагата за загинатите е голема кај сите, ова се тешки денови за сите битолчани, ни рекоа домаќините на манастирот.
Некако и традиционалниот поздрав “За многу години“ не се кажуваше како и секогаш, туку тивко, но со надеж дека ќе биде подобро, а темата за трагедијата беше присутна кај разговорите на битолчани.
Се одржа вечерната Богослужба, а утре рано ќе се одржи Света божествена литургија, на која се очекува да има голем број на верници.
Текст и фото: Сашо Ристевски