Кошаркарите на Пелистер го одржаа зборот кој им го дадоа на учениците од основното училиште ресурсен центар “Кочо Рацин“ од Битола го посетија и им дадоа подароци, спортски реквизити.
-Имавме средба на наш терен кога ние бевме домаќини. Ги спуштивме кошевите игравме кошарка, се забавувавме, запеавме навивачки песни… и мислам дека одлично се дружевме со децата со попречености. Одигравме и хуманитарен натпревар и собраните средства ги наменивме за нив, нашите нови другари. Да кажам со спортски јазик на нивни терен во нивното училиште каде го продолживме нашето другарување на радоста на сите. Не застануваме тука, продолжувме да се дружиме, сега ги очекуваме на натпревар во спортската сала, вели директорот на КК Пелистер, Филип Ивановски, кој денес беше заедно со капитенот Дарко Најдовски.
И од основното училиште ресурсен центар искажаа благодарност, а директорката на Ресурсниот центар Драгана Кирковска во име на сите вработени и ученици рече:
-Кошаркарскиот клуб Пелистер уште еднаш покажа дека спортот е повеќе од игра – тоа е заедништво, поддршка и вложување во иднината. Со голема радост ја примивме нивната донација на спортска опрема за нашите ученици, која ќе им овозможи подобри услови за тренинг и развој. Овој гест не само што ќе го поттикне спортскиот дух кај учениците, туку и ќе ги мотивира да се стремат кон успех и посветеност. Од срце им благодариме на клубот Пелистер за нивната несебична поддршка, грижа и емпатија кон децата со попреченост!