Press "Enter" to skip to content

Подобрени условите за работа и подобрување на опременоста на СОТУ “Ѓорѓи Наумов“ Битола

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски денес, го посети средното техничко училиште СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ Битола, каде заедно со директорката Жанета Сервини и вработените професори во училиштето разговараа околу инвестициите реализирани во училиштето во последниот период, со цел подобрување на условите за работа и подобрување на опременоста на училиштето.

Главна инвестиција во училиштето во последниот период е проектирањето и изведбата на фотонапонска централа.Поконкретно, поставени се фотонапонски панели за производство на електрична енергија со инсталиран капацитет од 40kW на кровната површина од постоечкиот објект на училиштето, како и метео станица. Со оваа инвестиција ќе се намалат трошоците и ќе се придонесе за зголемување на енергетската ефикасност и за заштита на животната средина. Покрај централата, обезбеден е и едукативен фотонапонски панел за реализација на наставата по стручни предмети, како и ардуина комплети (Solar tracking learning kits) за спроведување на практични вежби од областа на енергетиката.Дополнително, во соработка со локалната самоуправа и Министерството за образование во последните неколку месеци значително е подобрена опременоста на училиштето со информатичка и видео опрема (компјутери, графички картички, камери, 3D принтер и сл.), како и со набавка на друга стручна опрема (фреквентен регулатор, термовизиска камера, тестер на соларни системи, повеќенаменски тестер на електрични инсталации, принтери). Поставен е и ламинат во наставничката канцеларија.

Во разговорот директорката и наставниците изразија голема благодарност до Општина Битола и до МОН за обезбедените средства за СОТУ „Ѓорѓи Наумов“, со кои ќе се даде значаен придонес  во образовниот процес, и ќе им се овозможи на учениците пристап до квалитетна практична настава.-Обезбедената стручна опрема опфаќа и сензори, микроконтролери, шилдови и други електронски компоненти како што се RFID модули, ултразвучни сензори, релејни модули и многу други елементи кои ќе им овозможат на учениците да работат на современи проекти. Преку оваа поддршка, младите техничари ќе можат да стекнат драгоцено знаење и практични вештини, што ќе им помогне во нивниот понатамошен професионален развој. Како резултат на овие инвестиции во образованието на младите се и освоените први места на повеќе национални натпревари. Ваквата инвестиција е од непроценливо значење за иднината на стручното образование, за што сме длабоко благодарни, истакна директорката на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ Битола, Жанета Сервини.

Градоначалникот Коњановски, нагласи дека општината и во следниот период ќе овозможи поддршка на идните планови и активности, насочени кон создавање подобри можности за училиштето.