Press "Enter" to skip to content

Пелистер доминантен над Вардар со +41 во Битола (фотогалерија)

Пелистер – Вардар 98:57

Кошаркарите на Пелистер вечерва на свој терен во Битола доминираа од почеток до крај против екипата на Вардар и заслужено славеа со конечните “+ 41“.Пелистер лесно и убедливо го совлада тимот на Вардар со резултат 98:57, во последниот домашен натпревар од регуларниот дел од сезоната. Она што го најавија тренерот Трајковиќ и неговите избраници, останаа на зборот и го спроведоа на дело – “пелистерци“ одиграа максимално фокусирано и ангажирано во текот на целиот меч, што им ја донесе убедливата победа над „фенерџијата“ на табелата.

„Вардарци“ парираа само неколку минути, до 9:8, по што благодарение на Галовеј домашниот тим поведе со 19:10, а потоа со поените на Мишковиќ стигна и до првото двоцифрено водство (23:12, 9. Минута). Првата четвртина заврши со 24:12 за Пелистер.Во вториот период тренерот Трајковиќ им даде шанса и на дел од резервните кошаркари, но „зелено-белите“ продолжија да доминираат на теренот, добивајќи го овој период со 24:10 и на одмор заминувајќи со преубедливи 48:22. Дебитираше и Благојче Димитровски кој од првиот обид постигна “тројка“. 

Отпорот на гостинскиот тим беше целосно скршен, а Пелистер одигра уште поквалитетно во нападот во третата четвртина, во која „зелено-белите“ постигнаа 29 поени (29:14), во последните десет минути влегувајќи со огромни 40 поени позитива (77:37). Финишот беше само рутина, битолчани знаеја како да ја задржат убедливата предност, на крајот славејќи со конечните „плус 41“.Гамбрел беше најефикасен со 20 поени, Мишковиќ реализираше 16 поени, а одлични бројки имаше и Дамјан Крстевски, кој постигна 13 поени, 9 скокови и 4 асистенции.
Пелистер во последното коло од регуларниот дел од сезоната му гостува на ТФТ, важен дуел за што подобар пласман во пресрет на плеј-офот.
More from ВестиMore posts in Вести »