Фудбалерот на битолски Пелистер, Александар Ристевски, го најави вечното дерби Пелистер – Вардар во Битола и изјави дека сите во клубот се максимално мотивирани за успешен резултат. Пелистерци се разиграа во последно време и забележаа неколку добри резултати, а ништо полош не е ниту Вардар, кој успеа да побегне од опасната зона.
-На програмата е најголемото дерби во македонскиот фудбал. Горд сум што ќе го носам овој дрес и ќе се бориме со сите сили за да ги освоиме трите бода. Мотивацијата е на највисоко ниво, нема да изостане. Го почитуваме Вардар многу како колектив, но ние сакаме да одиграме за нас, за клубот и за овој град кој секогаш ни дава безрезервна поддршка. Се надевам дека ќе славиме на крајот, изјави Ристевски.
Во пресрет на натпреварот своите очекувања ги изнесе помошниот тренер Вангел Алтипармаковски.
-Повторно уште едно дерби со Вардар, натпревар кој самиот по себе носи голема мотивација, желба за победа и адреналин. По оа што можеме да го видиме од пролетниот дел, Вардар претрпе драстична промена и реорганизација во играчкиот кадар. Резултатите сами по себе кажуваат дека се сериозен противник. Очекувам квалитетен натпревар, максимално сме подговени за него и се надевам играчите ќе дадат максимум, а ние ќе прикажеме добра игра и ќе дојдеме до победа.Овој меч е од хуманитарен карактер, средствата ќе се донираат за семејствата на загинатите од несреќата во Кочани. Нашата публика и навивачи ги повикувам во поголем број прво да донираат со купувањето билети, а потоа да бидат наш дванаесетти играч и заедно да се радуваме на победа“, изјави Алтипармаковски.
Инаку, управата на Пелистер реши сите средства од билетите да бидат донирани за настраданите од трагедијата во Кочани.
Големото дерби помеѓу Пелистер и Вардар ќе се одигра на 29 март, со почеток во 15 часот.