Со свечена академија која се одржа во Офицерски дом во Битола и доеделување на златни плалети и благодарници заврши празнувањето на големиот јубилеј 80 години постоење на Националната установа Универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски“ во Битола.На свечената академија присуствуваше претседателката на Република Македонија – Гордана Силјанова – Давкова, ректорот на УКЛО – проф. д-р Игор Неделковски, градоначалникот на Битола – Тони Коњановски, пратениците – Олга Лозановски, Силвана Ангелевска и Пеце Милевски, заменик министерот за економија – Николче Јанкуловски, градоначалници, советници, директори на јавни претријатија…
На присутните им се обрати претседателката на Република Македонија – Гордана Силјанова – Давкова која рече:
-Осумте децении работа на Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола се долго духовно патување, посветен труд за зачувување и збогатување на библиотечниот фонд, истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето на свеченоста по повод одбележувањето на 80-годишниот јубилеј на оваа Национална установа. Претседателката ја истакна длабоката духовна и културна вредност на библиотеката, опишувајќи ја како „тврдина на идентитетот“ и „космос на знаење“. Библиотекарите се „храбри чувари на пишаниот збор“ кои се бореле против заборавот, цензурата и варварството низ историјата. И покрај напредокот на технологијата и дигиталниот свет, книгата останува темел на мислата и културното издигнување. Вљубена сум во книгите, во прашање е доживотна фатална врска меѓу мене и книгите. Се надевам дека библиотеката ќе продолжи да биде светилник на знаењето, дом на книгата и место каде што се гради иднината преку мудроста од минатото. Да сториме сè луѓето што повеќе да читаат, да ја приближиме книгата особено до најмладите, тоа е актуелно деновиве, да им создаваме читачки навики, да им читаме книги од најрано детство, да им подаруваме книги, да ги наградуваме со книги.
Претседателката, како библиофилка, сподели лична и емотивна приказна поврзана со признанието што и беше врачено, момент што и ги разбуди спомените на првата награда добиена уште во детството, токму за „најверна читателка“, признание коешто ја прејудицирало нејзината трајна сродност со книгите.
Директорката на Универзитетската библиотека “Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска Давкова во своето обраќање рече:
-Денес славиме голем ден, го славиме осим децениското постоење на нашата Национална установа Универзитеска библиотека “Св. Климент Охридски“ – Битола. Библиотеката претставува лулка на знаењето, на културата, традицијата, негување на Македонскит јазик и литература и идентитет, еден од корените на нашата држава. Тука се негува културното наследство, книжниот и некнижен фонд. Денес славиме многу значаен настан, осум деценискиот јубилеј. Од своето основање на 25 март 1945 година нашата библиотека прерасна во вистински храм на книгата, знаењето и традицијата каде што генерации читатели, истражувачи, студенти, љубители на пишаниот збор ги пронајдоа своите инспирации, одговори и нови хоризонти. Од основањето на библииотеката кога таа располагаше со многу мал книжен фонд од само 300 книги, до современа библиотека библиотека со многу дигитални ресурси, едукативни програми. Секој чекор од нашето патување беше исполнет со посветеност, љубов кон знаењето, следејќи ги постојано современите трендови на светските библиотечни стандарди.
Стефановска-Дафкова изрази благодарност до сите кои работеле во библиотеката и до 7.000 читатели, соработници, партнери кои им ја даваат потребната мотивација и поддршка да работиме уште со поголем интензитет, а посебна благодарност до УКЛО Битола и вети дека ќе бидат подостапни за сите преку идни проекти.
Ректорот на УКЛО Битола, проф. д-р Игор Неделковски меѓу другото нагласи:
-Минатата година Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола прослави 100 години од почетоците на универзитетот, основањето на нашата најстара единица Научниот институт за тутун и 45 години од правното основање на Универзитетот во Битола во 1979 година. Годинава славиме 80 години од основањето на еден од столбовите на Универзитетот, Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола. Библиотеката е дел од Универзитетот во Битола од 1980 година. Го изразувам моето големо задоволство и благодарност што и на двата настани присуствува нашата претседателка проф. д-р Гордана Силјановска Давкова. Фактот што уште во првата година по основањето на Универзитетот е утврдено дека неопходно е негов дел да стане тогашната матична библиотека и таа да прерасне во матична и универзитетска библиотека, доволно говори дека универзитетските библиотеки се еден од клучните елементи на функционирањето на секој универзитет, овде во Македонија и секаде во светот.
–А фактот дека библиотеката е основана за помалку до пет месеци по ослободувањето на градот Битола, кога сеуште се водат битки на дел од територијата на Македонија го потврдува значењето на библиотеките како државотворни институции, кои преку чување на пишаниот збор ја обезбедуваат иднината на државата. Денес согласно важечката легислатива Универзитетската библиотека е придружна членка на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Јас како ректор на универзитетот ветувам дека ќе се интензивира соработката, посебно од аспект на предизвиците со кои се соочуваме денес. А главен предизвик е реформулирање на улогата на библиотеките во општеството и универзитетот во услови на дигитализација и вештачка интелигенција, нагласи ректорот Неделковски.
За словото на Свети Климент Охриски, доцент д-р Анита Ангелевска рече:-Слово за св.Климент е амбициозна синтагма, која исклучиво може да биде оправдана ако биде изнесена со многу љубов и почит кон Св. Климент, ако барем малку се обидеме во мисијата која што тој ја завешта – постојано да го расветлуваме овоземниот мрак на незнаењето и да и отвораме пат на светлината на знаењето, мудроста и добрината. Книжевни творби на Св. Климент се дел од книжевната традиција на македонската и на останатите стари словенскилитератури, руската, бугарската, српската и романската. Св. Климент Охридски, како еден од најголемите творци, втемелувач на старомакедонската и словенската литература, заедно со Јован Егзарх, Црноризец Храбар, Патријарх Евтимиј и Григориј Цамблак, придонесуваат за нејзинораспространување во целиот христијански православен свет. Со право, изворите потврдуваат, дека Св. Климент е најпопуларниот и најприсутен книжевник во целата христијанска православна литература. Вечерва, на крајот од Словото за Св. Климент, ја имам честа да ја пренесам пораката на сестринството на Слепченскиот манастир кој што со векови бил скрипторски центар, но и бедем на верата, а нивната порака е гласи: Свети Климент – приемник и преносител на духовната Кирилометодиевска мисла.
Во Офицерски дом беа изложени четирите калиграфии, новосоздадени тропари на светители – творештво на Сестринството на Слепченскиот манастир, транскрипција од црковнословенски на глаголица: Тропар на Св. Наум Охридски, Св. Гемел, Св. Јоаким Осоговски, Св. Нифонт Кипарски.
Свечената академија заврши со доделување на златни плакети и благодарници, а пред тоа беше изведена културно уметничка програма, црковни песни, рецитал, избедби на пијано и виолина и соло изведби.
Сашо Ристевски
Фото: Дамијана Ристевска и Сашо Ристевски