Press "Enter" to skip to content

Куче скитник искасало 8 годишно дете на плоштадот “Магнолија“ во Битола, Општината изрази жалење

Осумгодишно дете од Битола било искасано од куче скитник, маркирано со ушна маркица и се здобило со повреда на челото која е санирана со неколку “скопци“ додека со родителите било во пицерија во строгиот центар на Битола. 

По немилиот настан, Општина Битола, испрати соопптение во кое се вели дека изразува длабоко жалење за немилиот настан, кој се случил вчера во угостителски објект на плоштадот “Магнолија“, при што осумгодишно дете се здобило со повреда на челото, како резултат на напад од улично куче.

Благодарение на навремената интервенција, детето е соодветно згрижено во Одделението за максилофацијална хирургија при Клиничката болница во Битола, каде што му е пружена неопходната медицинска помош. Повредата е санирана, а детето е пуштено на домашно лекување со препишана терапија и лекарски препораки.

Во денешниот контакт со родителите, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, беше информиран дека детето се чувствува добро, но сеуште чувствува страв, после вчерашната случка, иако станува збор за дете кое ги сака кучињата и честопати знае да игра со нив.

Коњановски посакувајќи му брзо закрепнување на детето, во разговорот со родителите нагласи дека, општината интензивно работи на решавање на проблемот со бездомните кучиња.

Овој инцидент уште еднаш ја потенцира потребата од систематско и долгорочно решение на проблемот со бездомните кучиња. Општина Битола апелира до сите засегнати страни и институции за координирано делување и поддршка на ваквите решенија, кои овозможуваат безбедна и хумана средина за сите граѓани.