Press "Enter" to skip to content

Христово Воскресение и Благодатниот оган донесоа радост во манастирот “Св. Јован Бигорски“, Христос Воскресе – Навистина Воскресе (мега фотогалерија)

Жанета Ристевска

Фото:  Дамијана Ристевска

-Овде човек навистина може да ги почувствува Христовите страдања, болката на Мајката Божја по своето Чедо, патот кон Голгота и Распетието, за најпосле со радост да го доживее и Христовото Воскресение, како свое сопствено воскресение во новиот живот со Христа!

 Ова се моќните зборови на возљубениот Старец и Игумен, Епископ Антаниски г. Партениј, кои во ноќта на Христовото Воскресение длабоко ги доживува секој верник кој присуствува ноќта на Велика Сабота спроти недела, кога животот ја победува смртта.

-Манастирот “Св. Јован Бигорски“ е свето место на кое голем број верници се молат за страдањата  во текот на деновите на Страсната недела пред и за Велигден.Сместен  во посебно убав предел, манстирот “Св. Јован Бигорски“ зрачи со својата светост која се чувствува кај сите кои оваа вечер на Велика Сабота се упатија кон  манастирот. Православните христијанкси верници  достоинствено и со голема празнична радост го прославуваат  Христовото воскресение – Велигден, празникот над празниците.  Исус Христос кој смртта со смрт ја победи и на човештвото радост му донесе.Сите тргнуваат, така и ние од местото на “Куќата на Мијаците“ која денес на овој голем ден, се разбира е затворена. Се почитуваат строг пост и молитви за последниот ден  од Светата Недела кои ги одбележуваат страдањата на Исус Христос.

Тргнуваме кон манастирот, по патот многу верници, посебно голем број млади. Патот е осветелен од месечината, ладното време не се чувтствува заради возбудата која кај сите буди посебни чувства, и сите тивко одат нагоре кон манастирот Св. „Јован Бигорски.Посебни чувства во ноќта на Христовото Воскресени кај сите. Се искачуваат тивко без жагор. После три угорнини се гледаат во ноќта старите зидини на манастирот.Манастирот “Бигорски“ на месечината сјае со сиот свој сјај. Манастирскиот комплекс е празнично украсен и уште на големата влезна порта се чувствува блесокот на ова светилиште. Влегуваме тивко во дворот.“Творецот му го подарил на ова место, и она што човекот мајстор го подигнал на овој простор: манастирската црква со прекрасната купола, неповторливиот иконостас, иконите и живописот, конакот, чардаците, трпезаријата, чешмата и водите непресушни“…Вечерва тука се е во свечено руво, за да се дочека Благодатнот оган и прослави победата на животот над смртта, Христовото Воскресение.За декорирањето и уредувањето на дворот придонеле Монасите од манастирот, но и монахињите од “Св. Георгиј Победоносец“ од дебарското село Рајчица, метох на Бигорски, и монахињите од “Пречиста Кичевска“ кои и вечерва се тука, на свечениот чин Христовото Воскресение.Претходно,  Вечерта на Велики Петок, со свештен трепет и неспоредлива духовна убавина, беше отслужено последованието на Оплакувањето Христово. Пред цветно сплетениот епитаф со положената Плаштаница во него – претстава на пречисто тело Господово,  целиот храм на Претечата се исполни со таговна радост и умиление. На чело со нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, монашкото братство и сестринствата, заедно со многубројниот верен народ, молитвено ги испеаја велелепните Статии на Оплакувањето, излевајќи ги преку нив своите срца пред погребаниот Господ.Саботната богослужба во утринските часови е посебно доживување во Бигорскиот манастир. Тогаш отците, подобно на Ерусалимскиот храм, ги запечатуваат дверите на олтарот, при што Литургијата се извршува на епитафот што го симболизира предворјето на Гробот Господов. Привилегија за верниците кои присуствуваат и на тој начин им се дава можност да ѕирнат во тајната на осветувањето на Даровите, бидејќи тоа се одвива пред нивните очи. Во Бигорскиот храм оваа свештена тајна беше прославена со Вечерната богослужба, споена со Литургија на Свети Василиј Велики, тајноводена од Владиката г. Партениј, во сослужение со бигорските свештенослужители. Меѓу благоуханието на криновите и мирисот на темјанот, од силно вдахновената душа на Старецот одекна великиот воскресенски прокимен: „Воскресни, Боже, суди ѝ на Земјата, оти Ти ќе наследиш многу меѓу сите народи!“ – како победнички повик од длабочините на историјата, кој со векови одекнува низ храмовите и душите на верните.

Со оваа неизмерна надеж, Бигорската Обител го очекува мигот кога со сите ќе го возгласи првото и вечно „Христос воскресе!“Вечерта на Велика Сабота Владиката Господин Партение со својата придружба  излегува од олтарот и го донесе пред верниците, Благодатниот оган.Благодатниот оган, најголемата радост која му се случува на човечкиот род, во овој манастир, за првпат беше донесен пред 17 години. Така и овој Велигден на Велика Сабота со пасхален восхит и восклик возљубен Старец и Игумен, Епископ Антаниски г. Партениј,  беседеше за Воскресението како негов сведок, со зборови полни со благодат и сила пред неколку  илјадници верници.Сите возбудено земаат од оганот и со запалени свеќи, пеејќи ги познатите стихови: „Дојдете примете светлост од невечерната Светлина…“И како што постепено се палат свеќите, целата црква блеснува, осветлувајќи ги радосните лица на верниците кои го очекуваат Христовото Воскресение. Звукот на камбаните го најавува овој прекрасен настан и тогаш сиот народ собран надвор пред црквата, со трепет на душата го слуша Светото Евангелие за Христовото Воскресение и радосно воскликнува на „ХРИСТОС ВОСКРЕСНА“ – „НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА“.  Ова го означува и почетокот на Воскресната Литургија, кога сите верници заедно го прославуваат Христовото Воскресение. Г. Партениј, Возљубеиот Старец и Игумен, Епископ Антаниски г. Партениј, се обрати кон верниците:Живееме во време, невреме кога сите се соочуваме со тешкотии,а се случуваат низ целиот свет. Но сите ние како верници на Православната Христијанска вера би требало многу повеќе да се свртиме еден кон друг. Со денешната технологија и социјалните медиуми нашите погледи и внимание многу повеќе се вперени во нив одколку кон другите луѓе. Еве и вечерва секој сака да направи фотографија, селфи или видео за да си стави на својот профил на ФБ и социјални мрежи. И тоа е добро, но знајте дека правејќи го тоа ние ги губиме значајните моменти и не уживаме во истите. А знајте мили мои дека тие моменти се неповторливи. И оваа вечер на Христовото Воскресени во овој свет храм е неповторлива. Заради тоа молете се, уживајте мирно, тивко во секој момент кога сите со радост го дочекавме Благодатниот оган, а со кој блесна цел манастир. Камбаните одзвонуваат со весел ритам, и знајте никогаш нема да ги доживеете истите чувства како овие во моментот. Затоа сакајте се, свртете се повеќе едни кон други за да се слушнете, а ако се слушнете вистински ќе бидете поблиски. А така сте посилни. Ако сме посилни тогаш никој ништо не ни може.Инаку, мијаците велат дека во манастирот “Св Јован Бигорски“ е собрана сета македонска историја, тоа е трезор на македонското национално богатство, фрескосликарство, икони, иконостасот во манастирската црква “Св. Јован Крстител“ е ненадминат, старомакедонската мијачка архитектура плени, конаците, манастирските ќелии…, не треба да се пропушти приликата секој Макед0нец да биде дел од богослужбите и да доживее едно поинакво празнување на Велигден.

More from ВестиMore posts in Вести »