Press "Enter" to skip to content

Драма на крајот и пораз на Пелистер во првиот меч од плеј-оф серијата со Работнички

Работнички – Пелистер 67:64 (1:0)

Кошаркарите на Пелистер од Битола не успеаја да дојдат до “брејк“ во првиот натпревар од четвртфиналната плеј-оф серија. Работнички во повеќе од драматичен меч со неизвесна завршница победи со 67:64, за водство од 1:0 во серија.

Мечот почна во израмнета игра на двете страни, а Работнички беше првиот тим што се одлепи, поведувајќи со „плус пет“ (12-7) по двете тројки во низа на домашниот состав. Мишковиќ со тројка ја прекина мини-серијата на домашниот тим, а по петте поени во низа на Гамбрел резултатот беше израмнет на 17-17. Скопскиот тим сепак ја заврши првата четвртина со предност од 21-17, откако по избрзаниот напад на Гамбрел, Ефремовски казни на спротивната страна, реализирајќи со звукот на сирената.

Пелистер експресно се врати на самиот почеток од втората четвртина, период во кој повторно блескаше Никола Мишковиќ, постигнувајќи 15 од првите 26 поени на Пелистер на мечот (28-26). Шутот од далечина ги служеше домаќините во првото полувреме, па со тројката на Ѓуроски тимот на Работнички поведе со 31-26. Пелистер одговори и преку Антоан и Гамбрел израмни на 31-31, но потоа дојде до криза во нападот на битолчани, во последните четири минути од полувремето „зелено-белите“ постигнаа само два поена (преку Стајиќ), по што на одмор се замина со предност на Работнички од 36-33.

Во второто полувреме се продолжи низ слична игра, Работнички доаѓајќи до предност од 45-37 во четвртата минута од третиот период. Но, главно низ израмнета борба под кошевите, „пелистерци“ се вратија комплетно во игра доаѓајќи до 52-49 со тројката на Антоан на 110 секунди пред крајот на третата четвртина, за да во последниот период се влезе со предност од 54-51 на Работнички.

А, во последната четвртина максимално израмнета игра. На 3:36 минути пред крајот Пелистер дојде и до 59-59, а на две минути пред крајот и до 60-62. Но, потоа одличен финиш на домашните кои дојдоа до предност од 67-62. Стајиќ на крајот само заокружи за конечни 67-64.

Најдобар поединец кај Пелистер беше Мишковиќ со 23 поени и 13 скока, Антоан заврши со 15 поени, Гамбрел со 12 поени а Стајиќ со 10 поени и пет асистенции. Во победничкиот тим на Работнички се издвои Хулијан Роше со 17 поени и 10 скока.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from СпортMore posts in Спорт »