Press "Enter" to skip to content

Денес втор натпревар со Работнички, Пелистер оди по “брејк“

Кошаркарите на Пелистер од Битола вечерва го играат вториот меч од четвртфиналната серија против Работнички, во обид да стигнат до израмнување во пресрет на двете предвидени средби што овие ривали треба да ги одиграат во Битола во текот на следната седмица.

„Зелено-белите“ имаа причина да бидат разочарани откако по голема борба го загубија првиот меч од овој ривал, вкупно трет пораз за „пелистерци“ од Работнички оваа натпреварувачка сезона. Лекцијата е научена, па кошаркарите на Ненад Трајковиќ се оптимисти дека денеска ќе успеат да одговорат на предизвикот и да стигнат до посакуваната победа.

-Лошата реализација беше пресудна на првиот натпревар. Двете екипи играа цврсто во одбраната, со многу контакти, знаевме дека ќе решава една топка, но противникот беше посконцентиран на крајот и заслужено славеше. Одбраната ни беше на високо ниво, очекувам во ист стил да одиграме и на вториот дуел, но и да обрнеме внимание на ситни детали кои би ни помогнале да стигнеме до победата. Серијата е долга, нема простор за паника, треба само да влеземе со ладни глави во денешниот меч, да одиграме максимално и да атакуваме на брејкот што го посакуваме пред двете средби во Битола, изјави Бобан Стајиќ.

Вториот натпревар од серијата меѓу Работнички и Пелистер повторно се игра во салата „Независна Македонија“ во скопската населба Кисела Вода, со почеток во 19 часот.