Вечерва во кафе-барот “Училница“ во Битола се случи промоцијата на новиот број, четврт по ред, на училишниот весник “Нова Веда“ кој го издаде гимназијата “Јосип Броз Тито“- Битола
Како уредник на четвртиот број се потпишува Илина Козарова, а текстовите ги потпишаа ученици од четврта и трета година и членовите на литературната дружина “Коста Рацин“.
Во 4. број на весникот свој осврт за јубилејот има директорката на гимназијата “Јосип Броз Тито“ од Битола Лидија Споа, а објавен и е текстот од проф. д-р Вера Стојчевска – Јоциќ – “Битолската виделина“.
Тука се поместени и рубриките “Битолцизми“, “За Горната“… а има и крстозбор – дијалекти, а објавени се и текстови за македонскиот јазик.
Насловната страница ја изработи Ивана Парговска.Уредник за култура во “Нова Веда“ е Леонид Ташковски.
Внимание предизвика и фото-колажот за дел од настаните кои беа одржани по повод големиот јубилеј 80 години настава на македонски јазик.
Во “Нова Веда“ е напишано и: “Ти што влегуваш овде како наш врсник знај – ние излеговме од овие клупи во вителна борба да изгрее една светла точка на твојот школски глобус“, порака која е напишана и опстојува децении на ѕидовите на Горната гимназија.
На промоцијата присуствуваа поголем број од професорите во Гимназијата, директорката и многу ученици кои го поздравија новото издание.
Текст и фото: Дамијана Ристевска