Press "Enter" to skip to content

Пораз на Пелистер во последната секунда од мајсторката со Работнички

Работнички – Пелистер 82:79 (2:3)

Пелистер не успеа да го комплетира големиот пресврт и да се пласира во полуфиналето од плејофот откако „зелено-белите“ во драматичен дуел ја загубија мајсторката од Работнички со 82-79. Пелистер покажа квалитет и карактер, се врати од „минус 16“, имаше и предност во последната минута, но на крајот ни пресуди тројката што ја постигна Андреј Шошкиќ со звукот на сирената.

Од самиот почеток стана јасно дека Пелистер ќе има проблеми на овој натпревар, откако само за момент поведовме со 2-3 со тројката на Костоски, по што следеше одговор на Работнички и брзо водство од 8-3. Нападот на домашниот тим функционираше беспрекорно, „црвено-белите“ промашија само два шута во целата прва четвртина (4/6 за тројка, 8/8 за два поени), успевајќи да создадат огромно водство од 33-17.

Пелистер заигра поангажирано и поцврсто во одбраната во вториот период, успевајќи да намали на десет поени разлика (35-25). Тајмаутот на домашниот тренер донесе резултат, Работнички заигра подобро во одбраната, „зелено-белите“ промашија неколку шутеви и можност уште повеќе да се приближат. Домашниот состав знаеше како да го искористи тоа, контролирајќи го резултатот до крајот на четвртината и на одмор заминувајќи со водство од 50-36.

Пелистер не се предаде, заигра поквалитетно на стартот од третиот период, па во 24. Минута со тројката на Стајиќ ја спушти разликата под десет поени (52-44). „Пелистерци“ добија на самодоверба, во ритам влезе и Антоан, по чии четири поени во низа домашниот тренер беше принуден да побара тајмаут (54-48). Шошкиќ го предводеше Работнички до 61-51, но Пелистер во своите редови ги имаше одличните Костоски и Антоан, кои помогнаа негативата да се истопи до крајот на четвртината, па во последните десет минути да влеземе со само два поени заостанување (63-61).

Мишковиќ беше прецизен од линијата за слободни фрлања и донесе прво израмнување на натпреварот (63-63). Работнички пак поведе, но Стајиќ погоди две тројки во низа и на шест минути до крајот донесе нов егал (71-71), по што Антоан погоди од положување за 71-73, второ водство на Пелистер по оние почетни 2-3. Кога беше најважно, судиите му помогнаа на домашниот тим кога по очигледна лична грешка во напад на Шошкиќ (ќе беше негова петта), досудијја непостоечки прекршок од Крстевски.

Се играше егал до самиот финиш, а Стајиќ заврши одлична работа во последната минута, изнудувајќи прекршок во напад од Ѓуроски при контра на Работнички, петти фаул на најдобриот стрелец на домаќините. Пелистер имаше 76-77 и напад на 35 секунди до крајот, но „зелено-белите“ ја загубија топката, по што Шошкиќ реализираше два плус еден. Антоан погоди за 79-79 на четири секунди до крајот, но Шошкиќ ги скрши срцата на пелистерци со тројка со звукот на сирената што го одведе Работнички во полуфинале.

Костоски беше прв стрелец на Пелистер на последниот овосезонски меч со 21 поен, Мишковиќ имаше 18 поени и 9 скокови, Антоан исто така постигна 18 поени, додека Стајиќ го заврши натпреварот со 16 поени.

More from ВестиMore posts in Вести »