-Слоганот на фестивалот на монодрама во Битола е “Еден збор – еден свет“, а за седум денови ќе бидат изведени 12 претстави во конкуренција, кои ќе конкурираат за три награди.
Денес во Центар за култура во Битола беше одржа пред конференција на која беше најавено дека од 17 до 23 мај во Центарот за култура – Битола ќе се одржи 26-то издание на Интернационалниот фестивал на монодрама. Фестивалот на монодрама останува верен на својата мисија да го негува театарот како средство за културна размена, уметничка експресија и лична трансформација.Фестивалот се отвора на 17-ти мај со „Д -како Дездемона“, танцов перформанс на Рисима Рисимкин, а во Битола ќе биде втора изведба, а следна ќе биде во Венеција, Италија. Затворањето е со монодрамата „Куфер.мк“ на актерката Соња Михајлова, добитник на наградата за животно дело на фестивалот “Војдан која ќе се игра надвор од конкуренција.
В.Д. директорот на Центар за култура Битола Влатко Илиевски најавувајќи го овогодишниот фестивал на монодрама рече:-Денешната пред конференција е по повод Интернационалниот фестивал на монодрама во организација на Центарот за култура во Битола со кој ќе биде означен и почетокот на нашата фестивалска година, по ова следуваат фестивалот „Илинденски денови“ и Фестивал на музика од светот. Фестивалот на монодрама се одржува седум денови со 12 претстави, отворањето и затворањето ќе биде во Народниот театар, а останатите престави ќе бидат во нашите сали. Финанисска помош имаме од Министерството за култура, а секако тука е и Општина Битола, а помогаат и други наши пријатели.
Годинава, фестивалот ќе понуди 10 монодрамски претстави во официјалната програма, со учесници од 9 држави: Македонија, Полска, Литванија, Шпанија, Киргистан, Грузија, САД, Романија и Бугарија. Отворањето и затворањето ќе се одржат во Народниот театар Битола, додека останатите претстави ќе се играат во салите на Центарот за култура. Во организацијата на Фестивалот се вклучени сите вработени од Центарот.
Претставите се жанровски разновидни – од класични драмски дела до современ и документарен театар, со силен акцент на актерската трансформација и моќта на раскажување преку еден лик.
Љупка Пајевиќ, основач и столб на фестивалот, а сега како пензионер е надворешен соработник за Фестивалот рече:-Со моја мала помош заедно со сите други кои се вложија максимално го најавуваме и ова 26. по ред издание, а фестивалот не се одржа само еднаш во текот на корона кризата, а секоја година се трудиме и успеваме да го држиме реномето, се обидуваме секоја година се повеќе да го зголемуваме реномето и квалитетот, за кој има секоја година да имеме повеќе пријавени претстави. Има многу работи кои што треба да се променат но тоа најмногу ќе зависи од средствата. Публиката е феноменална и секогаш на наша страна, љубител е на фестивалот, но се надеваме на повеќе средства како би можеле се повеќе да го збогатиме.
Жирито оваа година е во состав Рисима Рисимкин од Македонија), Емре Ердем од Турција и Лаша Чхартишвили од Грузија ќе ги додели наградите за Гран-при, најдобар актер и најдобра режија.
Селекторот на фестивалот е познатиот и признат, наш битолчанец, Благој Мицевски, кој на пресот рече:-Сакам да се заблагодарам на диекторот и советот на Центар за култура Битола за довербата јас да ја направам селекцијата за годинашниот фестивал на монодрама, веднаш да кажам дека интересот за учество секоја година расте, а годинава се пријавија околу 50 продукции. Во натпреварувачкиот дел се селектирани 10 претстави, од кои две се македонски. Фестивалот има голем број на пријатели но го има најначајното, верната публика од Битола. Монодрамата како форма ја сметаме за “мала театарска форма“ со еден човек на сцената. Но, ние сме сведоци дека тоа се случувале “големи“ претстави. И тоа секогаш било така на овој фестивал. Овој фестивал ја има таа мисија да ги мотивира актерите во театрите и независните уметници да работат монодрами. Актерите при крајот на својот работен век се прикажуваат во монодрамата, и се способни да го држат вниманието на публиката еден час и подолго. Но има и млади автори кои прават монодрами. Фестивалот има мисија да мотивира да се прават вакви претстави, а ме радува тоа што имаме и две македонски монодрами кои се пријавија на конкурсот кој беше објавен. Изгледав 50 претстави и можам да кажам дека имаме материјали за пет фестивали. Ќе има претстави од осум држави, а дел од оние ќе се изведат се на актери кои и сами имаат свои фестивали, а тоа ќе придонесе за поголема светска афирмација.
Љупка Стефановска зборуваше за организацијата на фестивалот и богатата офф-програма.–Офф програма која вклучува статуи на Широк Сокак, кои се како еден вид заштитен знак на фестивалот а битолчани ќе можат да се дружат на четири локации по Широк Сокак. Ќе има драмска работилница за деца и млади, театарска работилница на американскиот актер Роналд Ранд. Промоција на монографија по повод 25 години ИФМ Битола локација: Мала сала на НУ Центар за култура – Битола која ќе се случи на 21 мај во 12 часот. Панел-дискусии ќе има на тема: „Монодрамата како мост меѓу културите“ и „Aлма Малер“ и со проф. Д-р Сашо Димоски, актер Васил Зафирчев и модератор драматур Билјана Крајчевска во Големата сцена на НУ Центар за култура – Битола.
Визуелниот идентитет на фестивалот е дело на дизајнерот Сашо Илковски, а годинашниот слоган е: „Еден збор – еден свет“, што ја рефлектира суштината на монодрамата како уметност што зборува со една актерска интерпретација, но допира до многу светови.
Сашо Ристевски
Фото: Дамијана Ристевска