Press "Enter" to skip to content

Избран ректор на УКЛО Битола, проф. д-р Игор Неделковски ќе го води Универзитетот во втор мандат

Проф. д-р Игор Неделковски, редовен професор на Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола, кој досега ја извршуваше функцијата ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, е избран за ректор во втор мандат.

Изборот се одвиваше во согласност со претходно утврдена динамика и во транспарентна постапка, во надлежност на Универзитетската изборна комисија, чиј претседател е проф. д-р Ратка Нешковска од Техничкиот факултет – Битола. Актуелниот ректор беше единствен кандидат за функцијата ректор и впишан како единствен на Листата на кандидати за ректор.

Во согласност со Законот за високото образование, Статутот на Универзитетот, Упатството за постапката за избор на ректор и Роковникот на активности за избор на ректор, на 20 мај 2025 година, од 12:00 до 14:00 часот, се спроведе тајно гласање на сите единици на УКЛО, со што официјално заврши изборната постапка.

Според резултатите од гласањето, Универзитетската изборна комисија констатира дека од вкупно 267 гласачи, над 90 отсто го остварија правото за гласање. 235 професори од 12 единици на УКЛО од кои 225 го поддржаа изборот на проф. д-р Игор Неделковски во втор мандат, или за 70 гласови повеќе при неговиот прв избор.

Академската заедница на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола упати честитки по повод изборот на ректорот и изрази очекувања за континуитет во реализацијата на стратешките насоки за понатамошен развој на Универзитетот, вклучувајќи ја интернационализацијата, дигиталната трансформација и унапредувањето на неговата видливост на национално и меѓународно ниво.