Press "Enter" to skip to content

УЛП 2025 – Битола и Прилеп ја шират КОЛОРС визијата за практична едукација

По одличниот одзив и успешната реализација на Универзитетската летна пракса во Општина Битола во изминатите две години, оваа иницијатива добива нова димензија – и кон истата се приклучува и соседната Општина Прилеп.

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, преку Центарот за кариера, алумни и доживотно учење, ја шири оваа успешна платформа за студентска практика, претворајќи ја во регионален модел за синергија помеѓу академијата и локалната самоуправа и ја шири КОЛОРС визијата за практична едукација

УЛП се развива во симбол на интелектуална и практична соработка, прераснува во  спој на младешки ентузијазам, применето знаење и општествена одговорност. Преку практична работа во општинските институции и јавните претпријатија, студентите добиваат можност да ги „изострат“ своите вештини и да придонесат во локалниот развој.

Градоначалниците на Битола и Прилеп, заедно со раководството на УКЛО ја поздравуваат оваа соработка, потенцирајќи ги бројните бенефити кои ги добиваат студентите: можност за професионален раст, работа во реално административно опкружување и активна улога во подобрување на локалните заедници.

УЛП 2025 ќе вклучи 40 студенти во практична работа во Битола и 5 студенти во Прилеп, во периодот од јули до септември 2025 година.

Овој модел на практикантство, инспириран од визијата што ја негува КОЛОРС, се фокусира на кариерниот, образовниот, личниот и општествениот развој на студентите. Универзитетската летна пракса се етаблира како значаен мост меѓу академската теорија и реалниот сектор, потврдувајќи дека образованието, надополнето со практично искуство, претставува трансформативна сила.

Целите на програмата се: стекнување практични вештини во општински контекст, зајакнување на академското искуство преку општествен ангажман, како и поттикнување на одговорност, иницијатива и граѓанска свест кај младите.