–Новиот број на училишниот весник „Нова Веда“ со оригинална насловна страна која графички ја дизајнираше младата Ивана Парговска матурантка од Гимназијата „Јосип Броз Тито“ Битола. Нејзиниот дизајн на насловната страна е во духот на старите весници. Со тоа таа на најдобар начин ја прикажа историјата и минатото која ја има оваа Гимназија и оваа година прослави 80 години од првиот час на современ македонски јазик. Насловната страна инспирирана од минатото на промоцијата на весникот предизвика големо внимание. Исто така и дизјнерот на истата Ивана Парговска која веќе подолго време изработува голем број логоа, скици, веб страници. Тоа беше повод за нашиот разговор со неа.
За себе таа…
Јас сум Ивана Парговска имам 18 години, оаа година матурантка во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“. Уште од мала сум сакала да цртам и како поминуваа годините, така се повеќе и повеќе растеше мојата љубов кон цртањето. 
Како започна да се занимаваш со графички дизајн?
Графичкиот дизајн ми беше познат, многу пати сум цртала различни работи на компјутер низ годините, но дури во четврта година започнав да се занимавам континуирано. Во изминатиот период изработив бројни логоа, скици, веб-страници. Тука ќе ја нагласам последниот мој дизјн, а тоа е насловната страница на училишниот весник “Нова Веда“.

Кои се твоите главни извори на инспирација?
Инспирацијата ја црпам од сè што ме опкружува – природата, училиштето, интернетот и луѓето – дури и најмалите детали можат да поттикнат нова идеја. 
Во училишниот весник “Нова Веда” беше задолжена за дизјанирањето на главната страница…- Од каде идејата, инспирацијата за насловната страница на училишниот весник.
Голема поддршка ми пружи професорот по македонски јазик, Никола Трајковски, кој ја сподели својата идеја, а потоа ми довери слобода да ја реализирам според мојата визија. Сакав да ја прикажам гимназијата во моите очи и бидејќи главен фокус на весникот е 80 годишнината од првиот час на современ македонски јазик, сметав дека би било најдобро насловната на весникот да биде во духот на старите македонски весници од тоа време. Сакав потполно да се навратиме во минатото и да добиеме некоја идеа за како изгледало истото.

Кој проект од твоето портфолио ти е најдраг и зошто?
Тоа е тешко прашање, бидејќи имам многу драги проекти, како првите мои цртежи во средно, портрети на моите сакани како и сите мали скици и фигури во моите тетратки кои ги одбележуваат поминатите години од средно. Но, ако треба да бирам, би ја одбрала катедралата во Келн, Германија, која ја нацртав оваа година за денот на јазиците. Овај цртеж ми е еден од најдрагите бидејќи вложив огромен труд во него и сметам дека со овај цртеж, за прв пат си докажав на самата себе дека имам талент за цртање и дека доколку наумам нешто, можам да го направам истото. 
Како изгледа твојот креативен процес од идеја до финален дизајн?
Добивањето на идеа е еден од потешките чекори низ кои поминувам, но уште потежок е чекорот кој следи потоа. Многу често добивам повеќе идеи наеднаш и најпредизвикувачкото нешто е тоа како да ги спојам сите тие идеи во една или пак да одберам само една и да ја претставам на лист хартија. Откако ќе ја создадам почетната скица, работата станува чисто задоволство. Без разлика на сложеноста на цртежот, со музика во позадина им се препуштам на моливите и инстинктот.

Идни планови
До неодамна не бев сигурна дека ќе продолжам со дизајн, но по многу совети и размислувања, сфатив дека за мене е најважно цел свој живот да го поминам правејќи нешто во кое уживам. А тоа за мене е цртањето. Затоа, сега сум со сигурност одлучена дека ќе продолжам на графички дизајн и се надевам ќе продолжам да цртам цел свој живот.
Од Ивана не очекуваат уште голем број инвентивни и оргинални идеи за веб страници, логоа, насловни страници, флаери… И посакуваме среќа во понатамошниот пат кон успехот.
Текст и фото: Дамијана Ристевска






