Вчера во Народниот театар Битола се одржа четвртиот по ред “Креативен ден 2025“ годинава се одржа во организација на средното училиште “Таки Даскало“ во Битола и други стручни училишта во државата во соработка со познати модни креатори.Настанот имаше за цел да ја врати вербата во стручното образование од каде стекнатите знаења се веднаш применливи, да го поддржи младешкиот кретивен дух и да ја слави модата. Домаќин на настанот беше “Продукција Божиловиќ“, која одбележува 20 години постоење.
Манифестацијата беше обединета под една јасна мисија – враќање на вербата во стручното образование, поддршка на младешкиот креативен дух и промоција на модата како форма на етика, уметност и социјална промена.
Секоја “дама“ прошета во креација создадена посебно за неа и на тој начин и дава гласна и јавна поддршка на новата генерација модни работници – признавање дека знаењата стекнати во едно стручно училиште се веднаш применливи и значајни.
Настанот беше визуелна бајка, каде што секоја силуета шепоти нова приказна. Секој модел е дело на три срца – ученик, ментор и “дама“. Секој модел на сцената раскажува приказна – раскажана низ вез, драпирање, боја и емоција.
Под темата „Ориент“, вечерта ја отвори едно визуелно патување низ источната естетика – инспирирано од ткаенини, калиграфија, геометрија и ориентален луксуз, преку 25 уникатни креации. Пред полната сала во Театарот во Битола беа претставени креации од седум стручни училишта.
Тие беа на ученичките Ирета Адеми, Виолета Роглевска, Андреа Ризовска, Леман Рамановска, Маја Афтаровска, Јамур Али и други. Ментори им беа модните креатори Катерина Стојчевска, Христијана Голубовќ, Муамед Маликовски, Александар Ортаковски, Анастасија Цулевска, Андреј Папаз, Благој Мицевски и други.
Овие модни дела се резултат на тимска соработка помеѓу ученици – млади дизајнери, нивните ментори – врвни македонски модни дизајнери, и „дами“ – жени од заедницата кои не само што беа модели на пистата, туку и вистински поддржувачи на новата генерација.
Креациите ги носеа жени од различни професии: наградуваната наставничка Весела Богдановиќ, психологот Жанета Ристевска, пијанистката Елена Ѓоргиева, актерката Марија Стефановска, професорката и пејачка Ирена Димовска-Митревска, етнокореологот Љупка Стефановска, виолончелистката Андрија Дуковска, новинарката Александра Вуксановиќ, пејачката Ивона Јо и други.
Секоја креација раскажа сопствена приказна, создадена со срце и визија – од скица, до крој, до подвижно уметничко дело. Модните тимови ја интерпретираа темата „Ориент“ не само стилски, туку и емотивно, како начин на чувствување и изразување. Секоја „дама“ прошета во креација специјално изработена за неа, давајќи симболична, но и реална поддршка на примената на знаењата стекнати во стручното образование.Во фокусот на вечерта беше и хуманитарната нота – сите креации што ги носеа дамите беа откупени, а средствата се донираат за подобрување на условите за практична настава и усовршување на учениците.
На настанот беа доделени и посебни признанија и благодарници. Признание за модна издржливост и визија му беше доделено на брендот Елена Лука, за нивниот континуиран придонес кон македонската мода дури и во време на економска нестабилност. Признаено е нивното лидерство, поврзување на традицијата со современоста и инспирацијата што ја пренесуваат на новите генерации дизајнери.
Признание за лидерство и човечност во текстилната индустрија доби Роза Василевска, за нејзиното претприемачко и човечко водство, што придонесе за изградба на похумана и поетична модна индустрија, каде вработените се ценети како суштински дел од успехот.
Благодарница беше врачена на Никола Ефтимов, моден дизајнер и професор на ФОН, за неговиот долгогодишен придонес во модната едукација, инспирацијата што ја пренесува на младите, и неговата улога како мост меѓу академијата и индустријата. Ивана Кнез доби благодарница за својот креативен придонес во развојот на македонската мода, нејзината отвореност за соработка и посветеност на новите генерации дизајнери.
Признанијата ги додели текстилниот кластер, преку Љупка Миладинова Џамбазовска, сопственик на текстилна компанија „Албатрос“ од Штип, и модната дизајнерка Александра Филипова од дизајн студиото “BlackBELO“ од Виница. Освен признанија за индивидуалци, беа одликувани и успешни модни брендови кои останале стабилни, креативни и иновативни дури и во најтешките времиња.
Настанот заврши со инспиративно обраќање, со повик до сите присутни да продолжат да ја поддржуваат младоста, стручното образование и креативната индустрија.Во модното дефиле учествуваа и професорките кои се дел од тимот иницијатори на овој настан: Ема Ќуќа, Живка Танушевска и Анита Стефановска, кои носеа креации изработени со ученичката Ана Трајановска. Организатори на Креативниот ден се продукцијата „Божиловиќ“ и СОУ „Таки Даскало“ од Битола.
„Креативен Ден 2025“ уште еднаш потврди дека модата не е само облека – таа е став, вредност, платформа за соработка и алатка за општествена трансформација.
-Креации, но и карактер. Мода, но и иднина. Ова не беше само перформанс, ова е доказ дека младоста знае, може и заслужува. Оддадовме чест со благодарници, пофалници и признанија за нивната посветеност, визија и храброст. Почитувани, вечерва создадовме нови врски, нови верувања и нова инспирација.На крајот од ова ориентално патување, ве покануваме да останете уште малку, со срца отворени за соработка, и умови инспирирани за утре. Не заборавајте да се фотографирате, тагнувајте нè и ширете ја убавата слика од „Креативен Ден 2025“. До следната креативна средба – останете стилски, свесни и со срце полно визија, порача модераторот Емилија Сарафска, во нејзино и во име на организаторите.
Текст и фото: Дамијана Ристевска